Македонија
18. December 2017 - 12:01

Струмица доби пречистителна станица, тенденција на Владата е да има секое место со над 10.000 жители

Во Струмица денеска е пуштена во употреба Пречистителната станица за третман на отпадни води. според премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на свеченоста, со ова Струмица, како најголем регион на раноградинарско производство ќе биде на мапата на квалитетно и здраво еколошко производство на земјоделски производи.

Проектот Пречистителна станица е финансиран со средства од ЕУ преку Оперативната програма за регионален развој. Премиерот истакна дека првично беше димензионирана на 10 милиони евра, а се завршува со 6,5 милиони евра, што, според него, кажува многу. Изградбата заврши во период од една година и станува збор за објект со модерна технологија каква што ја познава Европската унија, нешто во што Струмица е лидер кога станува збор за реализација на проекти со нови технологии и решенија, рече Заев.

Тој додаде дека како Влада сме посветени на подобрување на животната средина и изградба на пречистителни станици.

- Во првата половина на 2018 година ќе бидат пуштени во употреба и двете пречистителни станици во Радовиш и во Кичево, финансирани преку Оперативната програма за регионален развој. Во мај 2018 година готова ќе биде и Пречистителната станица во Прилеп, што се финансира преку ИПА програмата. Преку Програмата 2014-2020 година ИПА 2- планирани се уште два објекта во Битола и во Тетово, а се работи на подготовка на тендерската документација за Штип и за Велес, рече Заев.

Додаде дека тенденцијата на Владата е секое населено место со над 10 илјади жители да има пречистителна станица за третман на отпадни води, како и примена на технологии за рециклажа на цврст отпад, а Македонија, според Заев, цели да ги исполни европските стандарди за заштита на животната средина како врвен приоритет за здравјето и квалитетот на живот на граѓаните.

Амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар истакна дека Унијата ја поддржува Македонија и во реализацијата на реформите во секторот вода.

- ЕУ заедно со државата работиме на реформите во секторот води со цел да се обезбедат одржливи услуги за водоснабдување на сите граѓани. Време е да осигураме дека со нашите водни ресурси се управува на добар начин за сите граѓани и за генерациите кои доаѓаат. За тоа треба време и труд и ние сме тука како ЕУ, да ви помогнеме во реализација и достигнување на амбиционзите цели од Директивата за води, рече Жбогар.

Во англомерацијата на Пречистителната станица  влегува градот Струмица, населените места Баница, Добрејци, Сачево, Градско Балдовци, Дабиле, Муртино, Просениково и индстриските зони, Север, Сачево и зоната околу Агрокор.