Македонија
18. December 2020 - 18:53

Стручен надзор: 41-годишната беровчанка која почина од Ковид-19 лекувана според протоколите

Извештајот на стручниот надзор на Комисијата на лекарската комора за случајот со 41-годишната беровчанка, Руменка Довичинска, која точно пред еден месец почина од компликации од Ковид-19 на Инфективното одделение, покажа дека таа била лекувана според предвидените протоколи.

Нејзината ќерка реагираше на социјалните мрежи, објавувајќи ги повиците од мобилниот телефон на нејзината мајка, која барала помош од медицинскиот персонал и боца со кислород, но никој не ја кренал слушалката.

Во него се наведува дека по извршениот стручен надзор Комисијата едногласно констатира дека во конкретниот случај во врска со лекување и третман на Р.Д. терапијата која и е давана на пациентката соодветствува со протоколите за лекување на Ковид 19.

Редовно мерена е сатурација и запишувана еднаш дневно. Пациентката Р.Д. била во лоша здравствена состојба со ниска и променлива сатурација во текот на лекувањето со докажано воспаление на бели дробови и Комисијата смета дека кислородната поддршка не била од примарно значење за исходот.

– Комисијата предлага да се направат одредени технички и организациски промени во работата во ЈЗУ КБ Штип. Не се нотира време на менување на кислородни боци и период кога се алармира за промена на боците од другиот медицински персонал.

-Утврдено е дека на одделението постои телефон во работната соба чиј број е истакнат во секоја болничка соба, но поради тоа што медицинскиот персонал е во полна ЛЗО (лична заштитна опрема) и не се во можност да одговараат на сите повици, од Комисија е сугерирано дека е потребно да се воспостави подобра телефонска комуникација, потешките пациенти да бидат сконцентрирани во неколку простории блиску до персоналот за да бидат под постојан надзор, се вели во соопштението од Министерството за здравството.

Раководството на Клиничка болница-Штип неколку дена по случајот со починатата беровчанка во функција стави два нови мобилни телефони за контакт и ангажираше медицински сестри од други одделенија.

Во соопштението на Министерството за здравство се посочува дека се разгледува извештајот и препораките наведени во него, по што како што велат ќе известат за следните чекори.