Македонија
30. December 2015 - 15:50

Стрезовски најави реализација на капитални проекти во Преспа за идната година

Реконструкција на водоводниот систем, изградба на нова современа плажа во Претор, модернизација на уличното осветлување, изградба на детски паркови и канализациски системи и асфалтирање улици се дел од предвидените проекти што општина Ресен ќе ги реализира во наредната година, најави денеска на градоначалникот Ѓоко Стрезовски.

Во годишното обраќање изминатава година градоначалникот ја оцени како успешна во работењето на локалната самоуправа, посочувајќи дека општината реализирала голем број проекти во патната и комуналната инфраструктура, турзмот, економијата, спортот, културата, социјалната заштита и во заштитата на животната средина.

- Успешното менаџирање на општина Ресен  претставува спој на повеќе елементи каде преку афирмирање и потенцирање на четирите основни столбови на успешното раководење доаѓа до соодветни резултати. Тие столбови се обезбедување финасиска стабилност на институцијата, задволни граѓани од бенефитот од реализираните проекти со кои се подига квалитетот на живеењето на преспанчани, задоволни граѓани од услугите што ги нуди институцијата и задоволни вработени, рече Стрезовски.

За почетокот од идната година, тој најави реконструкција на градскиот водоводен систем со замена на постојните азбестни цевки, реконструкција, надградба, модернизација и одржување на системот за улично осветлување во Преспа, со замена на светилките со нови современи лед-диоди, реставрација на просторот Починалиште околу СОУ „Цар Самоил“.

- Со средства обезбедени од Светска банка, во текот на наредната година целосно ќе се реконструира водоводниот систем во Сливница, ќе се изградат пет нови улични системи во Долно Дупени и ќе се постави современо канделабриско осветлување во Царев Двор. Со веќе обезбедени средства комплетно ќе се осветлат со современи канделабри клучките кај Претор и Крани. Треба да почне изградбата на нова современа плажа во Претор, како и реализација на проектот за поврзување на Претор со Сливница и Крани со пешачко, велосипедска патека, рече Стрезовски

Идната година, очекува да заврши и изградбата на системот за фекална канализација во Дрмени, на плажата во Сливница и на Спомен-куќата на Татарчеви, а нема да изостане и континуитетот за асфалтирање и реконструкција на локални патишта и улици и санација на ударни дупки низ Преспа.