Македонија
12. September 2016 - 16:21

Стравот од земјотрес е посилен од последиците од потресот

Нема масовни отсуства на ученици и деца во градинките по паниката која настана со вчерашниот земјотрес во скопскиот регион.

Но поединечни случаи има во неколку образовни установи  во Скопје. Во училиште во Бутел, наставничка седела сама на работа а првооделенците не биле донесени на настава.

Вакви примери има и во општина  Аеродром. Сител контактираше повеќе училишта и градинки од каде добивме одговор дека образовниот процес се одвива редовно. Отсуствата на две или три деца не можат да ги поврзат со вчерашните случувања. 

Директорот на Страшо Пинџур во населбата Даме Груев вели дека уште утринава ги подготвиле учениците.

-Нема масовни отсуства се е во најдобар ред. Утринава им објаснивме на децата дека нема простор за паника, вратите во училиштето се отворени. Им објаснивме и на родителите да не стравуваат. и во случај нешто да се случи имаме план за евакуација, вели Методи Настовски директор на ОУ Страшо Пинџур

Освен во Страшо Пинџур исто постапиле и во Лазо Трповски и во уште неколку скопски училишта.  Дека нема масовни отсуства ни потврдија и до Министерството за образование. За разлика од нив, родители на социјалните мрежи не само што напишале дека нивните деца не биле на училиште, туку се мислат дали да одат и во текот на утрешниот ден. Паниката од земјотресот продолжува и кај оние граѓани кои ноќта ја поминаа под отворено небо.

-Страв, паника, на пеети кат живеам на Џон Кенеди, мислев да скокам од балкон ама некако смирено се симнав и еве сега сме тука, нема да се враќам, страшно е, вели Васка Јанковска од Чаир.

-Куќата ми е стара, страшно беше, може да се сруши а и болен сум, вели жител на Шуто Оризари.

Новите помали потреси во текот на денешниот ден причина дел од граѓаните и оваа ноќ да ја поминат под отворено небо.