Бизнис
27. May 2022 - 9:17

Стратешкиот план за економска дипломатија и екстровертност на Грција за 2022 вклучува и 20 активности со Северна Македонија

Националниот стратешки план за економска дипломатија и екстровертност за 2022 година на Министерството за надворешни работи на Грција што беше презентиран во Атина вклучува вкупно 669 активности во целиот свет, од кои 58 се на Западен Балкан, а 20 во Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина.

Националниот план има конкретни цели за секој географски регион, со конкретни и специфични активности во различни области, а го презентираа шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас, заменик- министерот за надворешни работи задолжен за економска дипломатија и екстровертност, Костас Франкојанис и генералниот секретар во грчкото МНР и претседател на „Enterprise Greece“ Јоанис Смирлис.

Од 58-те активности планирани за Западен Балкан, најмногу (20) се со Северна Македонија, 13 со Албанија, десет со Србија, осум со Босна и Херцеговина, пет со Косово и две со Црна Гора.

Согласно Националниот стратешки план за економска дипломатија и екстровертност за 2022, што е на речиси 100 страници, во однос на Северна Македонија, како што пренесува МИА, шест од активностите се однесуваат на билатералните односи, пет на транспортот и синџирот на снабдување, три се однесуваат на извозот, по две на енергетиката и развојната помош и по една на технологијата и туризмот.

Дел од активностите се во тек, дел пак се планирани за 2022 година.

На билатерално ниво, вклучени се шест активности, од кои три се планирани во текот на оваа година (ажурирање на билатералната договорна рамка; свикување на Координативниот комитет за економска соработка; Свикување на мешаната министерска комисија), една активност е во тек (Акционен план за интензивирање и збогатување на соработката поврзана со мали и средни претпријатија, индустрија и бизнис иновации), а една активност би требало да се реализира во 2022 година, но под предуслови и се однесува на институционализиран дијалог на бизнис заедниците на Грција – Северна Македонија и Меѓународната експертска група за трговските имиња и ознаки.

Единствено не е одредено времето за одржување на вториот совет за соработка на високо ниво.

Во областа на енергетиката се изградбата на интерконекторот  за природен гас меѓу Северна Македонија и Грција, активност планирана во периодот од 2016 д0 2023 година, како и повторното пуштање во употреба на нафтоводот, активност што е во тек.

Меѓу активностите во транспортот, четири се во тек и се однесуваат на: планот за билатерален договор за прекуграничен железнички сообраќај; договорот на патни превозници од двете земји; иницијативата за зелен коридор меѓу Западен Балкан и земјите- членки на ЕУ и зајакнувањето на поврзаноста со создавање заедничка контролна точка на граничниот премин Евзони /Богородица, додека пак за оваа година планирана е работилница/конференција за царинските постапки и проблемите со кои се соочуваат извозниците и увозниците, во соработка со Дирекцијата за царински системи на Северна Македонија.

Голем дел од активностите, особено оние поврзани со извозот, технологијата и туризмот се во надлежност на Канцеларијата за економски и трговски прашања при грчката амбасада во Скопје, а оние што се однесуваат на билатералните односи се под Министерството за надворешни работи на Грција.

Националниот план за економска дипломатија и екстровертност е втор стратешки план, а заменик-министерот за надворешни работи на Грција Костас Франкојанис рече дека „првиот, минатата година беше спроведен со голем успех, иако всушност беше пилотски“.

Истакна дека планот е „национален“ бидејќи екстровертноста се однесува на сите, на целата земја, а „позитивните резултати од остварувањето се рефлектираат во подобрувањето на животот на сите Грци“ и планот е „стратешки“ бидејќи ги комбинира целите кон кои се стреми Грција.

-Карактеристиката на планот е дека целите се евидентираат во секоја географска област на светот и во секое поле на деловна активност. Со конкретни временски распореди, за мерливи резултати. Со 669 активности на Западен Балкан, Европа, Блискиот Исток и Северна Африка, Северна Америка, Централна и Јужна Америка, Азија, Африка и Океанија. Буквално, низ целиот свет. На полето на билатералните односи, мултилатералните односи, извозот, привлекувањето инвестиции и развојната соработка, истакна Франкојанис.

Шефот на грчката дипломатија Никос Дендиас рече дека акцентот го ставаат на енергетските прашања, но и на поврзаноста и логистика, бидејќи „Грција може да стане важен регионален центар“.

-Грчката економска дипломатија мора да се планира со долгорочен хоризонт и јасна цел. Има три оски: промоција на грчките производи, за да станат конкурентни на меѓународните пазари. Пазарот не може да опстане ако не извезува. Второ, практичната поддршка на човечкиот елемент, односно на грчките извозници и промоција на нашата земја како атрактивна инвестициска дестинација, истакна Дендиас.

Генералниот секретар во Министерството за надворешни работи на Грција и претседател на „Enterprise Greece“ Јоанис Смирлис рече дека ланскиот план за економска дипломатија и интровертност вклучувал 458 активности во 38 земји, а веќе се реализирани над 70 отсто.