Македонија
29. September 2015 - 15:13

Стратегија за родова еднаквост на Комисијата за еднакви можности на мажите и жените

Собраниската Комисија за еднакви можности на жените и мажите денеска расправаа по Извештајот на Владата на Република Македонија за имплементација на Стратегијата за родова еднаквост.

Заменик министерот за труд и социјална политика Ибрахим Ибрахими појасни дека правната основа за донесување на Стратегијата и Националниот план за родова еднаквост е содржана во Законот за еднакви можности на мажите и жените каде се вели дека Собранието донесува стратегија и го следи нејзиното спроведување.

- Стратегијата за родова еднаквост е стратешки документ на Република Македонија кој се донесува со цел унапредувањето на еднаквите можности на жените и мажите во севкупното општествено живеење во Македонија за период од 2013-2020 година, истакна Ибрахими.

Според него со донесувањето на Стратегијата и Националниот план за родова еднаквост 2013-2016 се исполнуваат и обврските преземени со пристапувањето кон Конвенцијата на ООН за елиминација на сите форми на дискриминација на жената.

- Генералната цел на Стратегијата за родова еднаквост е да се овозможи остварување на правата на жените како интегрален дел од човековите права и да се овозможи заштитата од сите видови дискриминација и родово базирано насилство, како и ефективно искористување на механизмите и правните средства за заштита, рече Ибрахими.

Истакна дека Собранието на Република Македонија прв пат усвојува ваква долгорочна стратегија, која, како што рече, претставува можност за пошироко запознавање на пратениците за родовата еднаквост и стратешките цели и приоритети.

Дименика Стојановска од UN Women потенцира дека Стратегијата за родова еднаквост на Република Македонија е клучниот стратешки документ кој што ги содржи националните приоритети, обврски и заложби на државата во полето на родовата еднаквост.

- Родовата еднаквост мора да стане реалност, а за тоа да се случи жените мора да се дел од политичката агенда, да се дел од процесот за носење на политички но и финансиски одлуки, рече Стојановска.

Нермина Факовиќ, координаторка за еднакви можности на Министерството за здравство информираше дека стратешка цел на Министерството е воведување изедначена методологија за воведување, следење и анализа на податоците за сите видови болести на мажите и жените за користени здравствени услуги.

- Министерството за здравство во 2014 година ги продолжи и се во тек активностите околу подготовка на софтверите за евиденција според новите извештаи, обрасци за возење на 34 регистри, за одредени болести и состојби со родова перспектива согласно Законот за евиденција во областа од здравството, истакна Факовиќ.

Според Даниела Рангелова од ВМРО- ДПМНЕ постигнувањето на родова еднаквост е клучно за заштитата на човековите права, функционирањето на демократијата, почитувањето и владеењето на правото како и за економскиот раст и конкурентноста.

Владата, рече Рангелова, создаде цврста основа и правна рамка од чија ефективна имплементација, во голема мера се подобрува статусот на  женските права и родовата еднаквост. 

Пратеничката Мира Стојчевска од СДСМ истакна дека во Извештајот се наведува дека Република Македонија беше прва држава во регионот која спровела вакви активности на национално ниво. Беше, рече Стојчевска, но сега сите земји во регионот ја спроведуваат и не надминаа.

- Бевме добри но сега стоиме во место. Во Извештајот од лани истото се спомнува за стратегијата и за буџетирањето. Тоа е резултат на недостиг на нови активности, додаде Стојчевска.

Обвини дека власта не е расположена за родова еднаквост, а тоа се покажува, како што рече, со членовите во Владата каде има една жена министер.

Слободанка Марковска од Институтот за родова еднаквост оцени дека во Извештајот се покренати многу иницијативи, но порача дека потребни се и нови активности како што е и родовото сензитивно образование. 

- Две столетија зад нас се борба за женските права. Во таа борба образованието било прво во агендата. Од една страна образование за жените и девојчињата, за да можат да излезат во сферата во јавноста, а од друга да си обезбедат економска независност и да станат активни чинители во јавниот живот, рече Марковска и оцени дека во Извештајот на Министерството, во делот за образованието, опфатена е само иницијатива за запишување на повеќе девејчиња во училиштата. 

Според пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ заклучокот на Сратегијата е коректен. Таа побара повеќе средства за, како што рече, економско јакнење на жените.

- Факт е дека Македонија има предвидено многу повеќе мерки и национални стратегии од било која земја во регионот. Но за да се спроведат заложбите потребни се повеќе средства, истакна Поповска.