Балкан
3. December 2017 - 21:33

Страотна несреќа во Австрија: Загинаа двајца Словенци, 25 се повредени

Во судар на автобус и автомобил, двата од Словенија, во австриската покраина Бургенланд, во текот на минатата ноќ загинаа две лица, две се тешко повредени, а повеќе полесно.

По сударот со возилото, автобусот удрил во еден ѕид, а според информациите од безбедносната централа на покраината Бургенланд, две лица од автобусот се потешко повредени, а 23 полесно се префрлени во болница.

Пожарникарите морале да ги извлекуваат од смачканиот автомобил, но и возачот и водичот во автобусот. Според зборовите на Крис Јанич од Црвениот крст, загинати се маж и жена кои се наоѓале во автомобилот, а тешко повредени се возачот на автобусот и водичот.

Сударот се случил меѓу местата Минихоф-Либау и Таук. Надлежните власти за сударот се алармирани околу 22.12 часот. Во автобусот имало 45 патници кои се враќале од божиќните панаѓури во Виена.

Се утврдува причината за оваа тешка несреќа. На местото веднаш дошле 9 возила на итната помош, и пет пожарни коли. На патниците кои не се однесени во болница им поделиле ќебиња и чај.

Интервенцијата е завршена дури пола час по полноќ, а во текот на целата ноќ траело чистењето на местото на несреќата, така што патот за сообраќај е пуштен дури рано утрото.