Балкан
13. October 2018 - 8:34

Стотици луѓе на погребот на убиената бугарска новинарка Викторија Маринова

Стотици луѓе присуствуваа денес на погребот на убиената бугарска новинарка Викторија Маринова, непосредно откако германската полиција објави дека осомничениот за нејзиното убиство признал дека ја нападнал.
 
Родините, пријателите и колегите на Маринова се собраа во православната црква во нејзиното родно место Русе на северот на Бугарија, а литургијата ја одржал локален свештеник, пишува Асошиејтед прес.
 
30-годишната Маринова зад себе остави седумгодишна ќерка.
 
Телото на Маринова беше најдена во саботата во парк близу Дунав, а полицијата тогаш соопшти дека била претепана, силувана и задавена.
 
Бугарските обвинители како осомничен го идентификуваа 21-годишниот Северин Красимиров и во отсуство поднесоа против него обвинение за силувањето и убиството на Маринова.
 
Тој беше уапсен во Германија врз основа на меѓународен налог за апсење, а Бугарија побара негова екстрадиција.
 
 
Германското обвинителство објави дека Красимиров признал дека под дејство на алкохол и наркотици се скарал со непозната жена во парк, дека ја удрил во лицето и ја скрил во грмушки. Кажал дека немал намера да ја убие и негирал дека ја силувал или ја ограбил.
 
Обинителите соопштија дека тој во следните десет дена ќе ѝ биде испорачан на Бугарија.
 
По шпекулациите дека Маринова била убиена поради својата истражувачка работа, бугарското обвинителство соопшти дека сексуалното злоставување на жртвата е најверојатниот мотив на нападот.