Свет
19. December 2016 - 12:57

Стотици бегалци од Алепо сместени во несоодветни услови за студено време

Неколку стотици раселени лица од Алепо се смесетни во бегалскиот камп Џибрен, што се наоѓа јужно од овој сириски град, каде нема услови за нивно згржување при екстремно студено време, соопштија денеска ОН.

Како што јави Хсинхуа, како последица на офанзивата на владините сили врз источниот дел на Алепо, кој беше под контрола на бунтовниците, тие делови на градот последниве недели ги напуштиле над 80.000 лица.

Инаку, по неколку прекини евакуацијата на цивилите и бунтовничките борци од источниот дел на Алепо беше обновен синоќа, кога неколку автобуси и амбулантни возила го напушти градот и се упатија кон териториите под контрола на бунтовниците.

Претставник на ОН соопшти дека евакуацијата била возобновена синоќа околу 23 часот по локално време, откако претходно беше прекината во доцните попладневни часови.

Обновата на евакуацијата од Алепо ја потврди и Сирискиот центар за мониторинг на човековите права, кој соопшти дека сириската армија и нејзините сојузници синоќа им дозволиле на пет автобуси и две амбулантни возила да го напуштат источниот дел на Алепо и да пристигнат до блиското село Ел Рашидин.

Според Центарот, до претпладнево Алепо го напуштиле околу 3.500 лица со 65 автобуси. 

Би-Би-Си јави и дека најмалку 350 лица од шиитските села Фуа и Кафраја во близината на Идлиб, кои се опколени од бунтовничките сунитски сили, во конвој од 10 автобуси се упатиле кон запад до териториите под контрола на владините сили.

Сириската државна телевизија информира дека автобусите рано исутринава стигнале до деловите на Алепо по контрола на Вооружените сили на Сирија.