Македонија
7. October 2019 - 19:33

Стопирана изградбата на спорниот објект над ГТЦ

Градот ја запира изградбата на објектот кој никна на покривот на ГТЦ. По острите реакции во јавноста, градоначалникот кој сметаше дека нема ништо спорно и ако објектот биде за угостителска намена, сега се предомисли. Според Шилегов се работи за недоразбирање и затоа ќе организира средба со Асоцијација на Архитекти и Иницијативата го Сакам ГТЦ за да ги слушне нивните забелешки. Оваа писмена реакција пристигна откако градоначалникот веќе најави можна промена на планот бидејќи дозвола била издадена за урбана опрема а не за објект.

- Денес го свикав раководството на Градскиот трговски центар, со цел точно да кажат која им е идејата и намерата, имајќи во предвид дека во таа трипартитна соработка помеѓу Град Скопје, ГТЦ и УНДП, ние не бевме тие кои го изработуваат проектот. Бидејќи во јавноста се крена галама, оправдана или неоправдана, не можам да кажам, сакам да биде соопштено што е тоа што имаат намера да го изградат на кровот на ГТЦ, бидејќи матичната согласност што ние ја дадовме беше поставување на урбана опрема а не изградба на објект. Ако се констатира дека се гради објект со таков тип на намена, ние ќе мораме да бараме преиспитување на таа позиција и корегирање на позициите кои што ги има ГТЦ во однос на тој објект“

Директорот на ГТЦ Ѓоко Трајчевски за Сител вели се се одвива согласно планот и за еден месец ќе биде завршен покривот. Тој бил повикан во градот но не поради објектот кој крена прашина во јавноста туку за да даде информации како течат активностите.  

– Објектот не е спорен според директорот на ГТЦ за Сител истиот вели ќе биде пресвртница за зеленилото во градот. Ова место е наменето за персоналот на ГТЦ, електронскиот систем за наводнување и за тоалети.

Трајчевски не беше информиран за новата одлука на градот да запре изградбата на објектот. Инаку при презентацијата во февруари годинава, објект за угостителска намена беше предвиден бидејќи тогаш властите информираа дека за одржување на зелениот покрив ќе бидат задолжени директорот на ГТЦ и сопственикот на кафулето. Површината на која се реализира проектот е 1800 м2 и чини околу 32 милиони денари. Локацијата е избрана согласно термалната мапа на УНДП која покажува дека покривот на ГТЦ е најжешката точка во центарот.