Бизнис
4. September 2018 - 16:10

Стопанството даде поддршка за референдумот

Бизнисмените очекуваат подобри услови за развој на економијата по зачленувањето во НАТО и ЕУ. Тие изразија целосна поддршка околу евроатланстските интеграции. На средба со стопанствениците, премиерот порача дека на Македонија и е потребен моќен мотор за да ја забрза својата перспектива, а тоа е можно само ако стане членка на НАТО и ЕУ.

“Една од придобивките не е само што НАТО ни ја гарантира безбедноста, мирот и стабилноста, што е најважен предуслов за бизнисот. Иднината на бизнисот е гарантирана преку ова прашање. Само пазар од 1.600.000 жители потрошувачи не е исто со 500 милиони потрошувачи односно пазар, кој што ни се отвара”, изјави премиерот Зоран Заев.

Заев очекува дека растот на БДП во вториот квартал годинава ќе изнесува помеѓу 2,5% и 4%.
Бизнисмените сметаат дека последнава година состојбата во економијата се подобрува , а по евроатлантските интеграции очекуваат забрзан раст.

“Нè уверивте во потребата. Бизнис заедницата секогаш ќе ги поддржува напредните идеи во државата, тие што овозможуваат прогрес и за фирмите и за граѓаните”, смета Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија.

Стопанствениците не очекуваат дека веднаш ќе се решат проблемите со кои што се соочуваат нивните бизниси, но на долг рок гледаат потенцијал за развој и подобра ликвидност.

На средбата меѓу Владата и бизнисмените се разговараше и за економските прашања опфатени со меѓународните договори на земјава. Едно од позначајните е можноста за користење на ознаката “Произведено во Македонија”, што се отвара како можност за фирмите и од Македонија и од Грција.

И властите и стопанствениците сметаат дека со самата најава за членство во ЕУ и НАТО, економските показатели веќе се движат во нагорна линија.