Македонија
5. March 2018 - 15:24

Стопанствениците ги кажаа забелешките за законот за финансиска поддршка на инвестициите

Вицепрмеирот за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши на ден пред влегувањето на Предлог-законот за финансиска поддршка на инвестициите во владина и собраниска процедура на работна средба со претставници на Стопанската комора на Македонија ги слушнаа мислењата на стопанствениците.

Целта на денешната средба, посочи Анѓушев, е да се направат завршни консултации со стопанствениците околу нивните забелешки и видувања на законот со цел неговиот текст да се подобри колку што е можно повеќе во интерес на економијата и на развојот на индустријата.

- Досегашните забелешки добиени преку јавните дебати во изминатите шест месеци беа вградувани во законот, а денеска слушнавме неколку корисни. Ценам дека конечно добивме текст кој ќе биде применлив и лесно имплементирачки и ќе даде резултат во развојот на економијата, изјави Анѓушев по средбата.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија Бранко Азески нагласи дека членките на Комората веќе шест месеци ја разгледуваат и даваат масовна поддршка на Програмата за економски раст и додаде дека стопанствениците ќе имаат финасиски импликации доколку не стане оперативна.

- Максимално ќе ја поддржиме Програмата и донесувањето на законот, како и нивната имплеметација, бидејќи со нив на еден начин во законски текст се преточени нашите барања од 2011 година. Законското решение оди во владина и собрансика процедура, завршните сметки се веќе готови, а оперативни  се и финасиските средства во Буџетот за поддршка поради што можеме да очекуваме брза постапка во која фирмите ќе бидат поттикнати да инвестираат и да испорачуваат нови вработувања, рече Азески.

Тој посочи дека според последните проценки околу 8.000 компании ќе имаат бенефит од Програмата, а тоа, како што рече, е сериознен импакт за  економијата и за клучните барања на Комората за развој на индустријата и извозот, како и за нови вработувања. Во таа насока, како што кажа, во четвртокот Стопанската комора ја повика најголемата опозициска партија да го поддржи ова законско решение.