Бизнис
3. October 2016 - 14:06

Стопанска комора: Нотарските платни налози и извршувањата да ги вршат правниците на компаниите

Наместо ангажирање надворешни соработници (адвокати и адвокатски друштва) како што предвидуваат последните законски измени, постапките за нотарските платни налози и извршувањата да ги вршат правните служби на компаниите, бара бизнис секторот.

Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, измените треба да стапат во сила од 1 јануари 2017 година и доколку во нив не се интервенира како што предлагаат фирмите, можно е голем број правници да останат без работа.

Практично се бара менување на решенијата за извршување и за нотаријат како во Законот за парнична постапка или враќање на овој сегмент како што функционирал досега. 

- Ангажирањето надворешни соработници за сметка на веќе постоечките правни служби во компаниите, нема да значи подобро и поквалитетно завршена работа, напротив. Тоа за фирмите ќе биде дополнителен финансиски товар што ќе предизвика реорганизација и негативни импликации врз работењето, истакна Елена Милевска Штрбевска, директор во Стопанската комора.

Според анектата што ја спроведе Комората, од вкупно прашани 226 компании во различни дејности, 61,5 отсто имаат сопствена правна служба со по седум до осум вработени, од кои најмалку пет се со положен правосуден испит. 

- Тоа покажува дека правниците во компаниите се компетентни. Од друга страна, тие се и многу подобро запознаени со активностите на својата компанија отколку кој било друг надворешен соработник што евентуално би бил анагжиран за некоја од постапките, нагласи Милевска Штрбевска.

Пресметките велат дека ако се усвојат веќе дефинираните измени на законите за извршување и за нотаријат, трошокот на компаниите за адвокатите за само еден предмет би изнесувал дополнителни 700 до 12.600 денари. Но, покрај овие плус трошоци ќе имаат и за нотарите и за извршителите. 

Стопанската комора интервенирала во оваа насока уште додека законските измени биле во собраниска процедура.