Бизнис
14. December 2015 - 14:23

Стопанска комора: Компаниите да аплицираат со иновативни проекти за пари од ЕУ

Македонските компании да аплицираат за СМЕ инструментот од програмата „Хоризонт 2020“ на Европската унија, проектиран на 79 милијарди евра за периодот 2014 - 2020 година, апелира Стопанската комора на Македонија.

Средствата се неповратни, ставени им се на распологање на вкупно 52 земји, а може да ги повлечат само компании кои ќе понудат иновација што на ниво на ЕУ би го подобрила живеењето во одреден сегмент или би поттикнала развој на некоја друга гранка.

Како што рече Софче Јовановска од Стопанската комора, парите се доделуваат во три фази од кои, првата предвидува до 50.000 евра и е за изработка на физибилити студија која треба да трае најмногу три месеци, додека втората, вредна 500.000 до 2,5 милиони евра или пет милиони евра ако е во областа здравство, е за изготвување иновативен проект и трае 12 до 24 месеци.

Услов за добивање на европските пари е компаниите да не бидат новоформирани, туку да се веќе етаблирани, да имаат максимум 250 вработени, да остваруваат годишен обрт од 50 милиони евра и да обезбедат 30 отсто од висината на помошта. 

- Засега, интересот кај домашните фирми е многу мал. Причини за тоа се можеби недоволната информираност, незнањето дека постои ваков инструмент, фамата што се создава дека е тешко да се изготви апликација, неможноста да се обезбедат потребните финансии,..., истакна Јовановска.

Според неа, ако е апликацијата добро подготвена, средствата од СМЕ инструментот им се еднакво достапни на македонските мали и средни претпријатија како и на оние од Австрија, Шпанија, Британија,... Може да се аплицира за проекти од биоинформатиката, медицината, екологијата, енергетската ефикасност, ниската емисија на гасови,... Досега најуспешни се покажале технолошките паркови и инкубаторите, а најмногу барања поднесувале фирми со шест до 50 вработени.

- Не треба да се чека на распишување на повиците кои се секогаш точно утврдени, во прецизни рокови, туку треба да се почне навреме со подготовка на апликацијата. Ако некој има идеја да развива нешто, можеби за две години ќе направи некаков прототип и ќе може да ги користи европските средства, подвлече Јовановска.

Засега, четири до девет компании од Македонија побарале консултантски услуги за изготвување апликација, но не се знае дали потоа воопшто аплицирале зашто официјални податоци има само за тоа кој добил финансиски средства од СМЕ инструментот.

Професорот Виктор Стојмановски потенцира дека Ентерпрајз јуроп нетворк - Македонија им нуди бесплатни услуги на компаниите во оваа насока. За интернационализацијата, пак, на бизнис-дејноста, фирмите може да се обратат до канцеларијата на Комората, додека за трансфер на технологии до Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување.