Македонија
23. January 2017 - 15:27

„Стоп Операција Сорос“ ќе побара од САД ревизија за работата на УСАИД Македонија

Движењето „Стоп Операција Сорос“ ќе побара од Стејт департментот, Конгресот и Сенатот на САД да се изврши ревизија за работата на УСАИД во Македонија во последните четири години бидејќи, според нив, има значително политизирање и злоупотреба на еден дел од финансиската помош која САД и ја укажуваат на Република Македонија преку УСАИД.

Според „Стоп Операција Сорос“, од февруари 2012 година УСАИД почнале соработка со фондацијата „Отворено општество“, финансирана од Сорос и потпишале договор за проект за развој на граѓанското општество во Македонија  во кој како главен изведувач била Фондацијата „Отворено општество“. 

- Во декември 2012 година во Македонија започна да се креира кризата со блокирањето на Парламентот од страна на СДСМ кога требаше да биде донесен буџетот на Република Македонија по што следеше и напад на Собранието од страна на СДСМ. Оваа склучена соработка помеѓу УСАИД и СОРОС заврши на 31 август 2016 година, или поточно, во периодот кога завршија протестите на т.н. „Шарена револуција“. Оттука произлегува прашањето, дали соработката помеѓу УСАИД и СОРОС беше наменска и злоупотребена со цел да се создаде длабока политичка и безбедносна криза во Република Македонија?, изјави денеска Никола Србов од Движењето „Стоп операција Сорос“.

Тој посочи дека е најавен нов проект на УСАИД преку организацијата наречена Ист Вест Менаџмент, која соработува со Фондацијата Отворено Општество.

- Проектот ќе го изведува заедно со Фондацијата Отворено Општество Македонија и организацијата Метаморфозис, која е основана како дел од мрежата на Сорос во Македонија и спроведува значителен дел од неговите медиумски проекти. УСАИД Македонија се реши да одобри нов повеќемилионски проект со фондацијата на Сорос во периодот кога во тек беа изборите во САД. Милионски суми се одобруваат за идни кампањи на Сорос во Македонија, за идно политизирање на невладиниот сектор, за идни насилни протести, и тоа непосредно пред Доналд Трамп да ја преземе претседателската функција во САД. Во истиот проект е ангажирана и организацијата Форум на лица како Сашо Орданоски, Љубомир Фрчкоски и Ѓунер Исмаил, истакна Србов.

Тој додаде дека новата администрација и даночните обврзници во САД треба да знаат дека во изминатиот период преку УСАИД била поддржувана СДСМ со што директно се делувало политички во Македонија, заземајќи страна во политичкиот живот во државата.