Македонија
6. September 2018 - 16:13

Столтенберг: Ние ве очекуваме, ваше е да решите дали ќе бидете 30. членка на НАТО

За неколку седмици имате референдум за договорот за името. Ги охрабрувам гласачите да се појават во голем број, ова е прилика која се јавува еднаш во животот - да станете членка на меѓународната заедница со сите придобивки кои тоа ги носи со себе, истакна генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.

Посочи оти вратата на НАТО е отворена, членството е на дофат што е можност да се зајакне мирот и стабилноста, како во земјата така и во регионот, и како што рече, „да се добие место и еднаков глас на масата на НАТО да се пристапи кон најсупешниот сојуз во историјата“.

- На Самитот на НАТО во јули Алијансата ве покани да започнете разговори за пристапување по решавањето на прашањето за името со Грција. Компромисот не е лесен никогаш, но двете страни направија компромис за една посветла иднина, изјави Столтенберг.

Тој нагласи ова е историска и неповторлива можност за земјата да стане целосна членка на ЕУ и НАТО, но оти за да се постигне тоа мора да се согласи со спогодбата за името. Овој став тој им го пренел и на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицковски и на претседателот Ѓорге Иванов.