Свет
24. August 2017 - 20:44

Столтенберг: НАТО ќе го продолжи дијалогот со Русија, но не на штета на одбраната на сојузниците

НАТО има намера да го продолжи дијалогот со Русија, но со целосно задржување на своите обврски за заштита на своите сојузници. Ова го изјави денеска генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, во италијанскиот град Римини, објави ТАСС.

- Ние ќе продолжиме со напорите за градење на дијалог со Русија, но никој не треба да се сомнева во подготвеноста и во решеноста на НАТО да ги заштити своите сојузници. Целата наша заштита има исклучително одбранбен карактер и се одликува со пропорционален пристап и транспарентност, рече Столтенберг.

Тој додаде дека Алијансата не сака судири со Русија, која ја нарече најголемиот и најважниот сосед на НАТО. Столтенберг истакна дека тој лично отсекогаш верувал во конструктивниот дијалог со Русија, во име на мирниот соживот согласно нормите и правилата на меѓународната заедница.

Во Римини, Столтенберг имаше средба со италијанскиот министер за надворешни работи, Анџелино Алфано.