Балкан
3. February 2017 - 18:16

Столтенберг ги повика Приштина и Белград да ги намалат тензиите

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг денеска од Приштина ги повика косвските и српските власти да ги смират страстите и да ги намалат тензиите, апелирајќи за продолжување на дијалогот и за имплементација на договореното во Брисел.

Како што јави Танјуг, по одвоените средби со претставниците на косовските Срби и со косовскиот премиер Иса Мустафа, Столтенберг ги повика „сите страни да се воздржат од создавање тензии и да работат на нормализација на односите и имплементација на постигнатите договори“.

- НАТО го поддржува дијалогот (меѓу Белград и Приштина) под покровителство на ЕУ. Го поддрживаме она што е договорено во изминатите две недели. Но, важно е и договорите да се имплементираат, истакна Столтенберг.

Тој ги пофали досегашните напори на косовските власти, но како што нагласи пред нив постојат уште предизвици.

- Ги повикуваме сите да ги намалат тензиите и да продолжат да работат во мир и стабилност, додаде Столтенберг на заедничката прес-конференција со Мустафа.

Косовскиот премиер од своја страна истакна дека Приштина се залага за нормализација на односите со Србија и дека е определена за мир и добро односи со сите балкански земји.

Тој нагласи дека дијалогот меѓу Белград и Приштина „дава добри резултати“, потенцирајќи дека Србите на Косово се безбедни и не треба да постои никаква загриженост во врска со нивната безбедност.

На новинарско прашање дали КФОР ќе реагира во случај на „закани“ од Србија по Косово, Столтенберг одговори дека НАТО останува во Косово и дека прави се за одржување на стабилноста и мирот во овој дел на Европа.

Мустафа пак нагласи дека безбедносните податоци укажуваат оти нема обиди на загрозување на косовската територија, потенцијарјќи дека информациите за наводно распоредување на српски сили долж границата претставуваат „само кампања“.   

Тој потенцира и дека Косовските безбедносни сили се подготвени да се трансформираат во Војска на Косово, но дека за сега за такво нешто нема поддршка од пратениците Срби во косовското Собрание.

- Косовските безбедносни сили ги направија сите потребни подготовки (за трансформацијата), но процесот е запрен затоа што немаме помош од страна на српските пратеници, што се должи на дирекното мешеање на Белград, рече Мустафа.

Столтенберг пак додаде дека НАТО ќе продолжи со поддршката на трансформацијата на Косовските безбедносни сили и во напорите за преобразба на Косово во побезбедна држава, како дел од заложбите за стабилноста на западен Балкан, која е многу значајна за Алијансата.

Запрашан дали гледа можност за идентично сценарио за северот на Косово, како она со руската анексија на Крим, генералниот секретар на НАТО одговори дека не сака да шпекулира. - Добро би било нештата да се решаваат на мирен начин, додаде тој/ 

Мустафа на прес-коференцијата се осврна и на проблемот со возот кој минатиот месец првпат по 1999 година се упати на релација од Белград кон Косовска Митровица, но не успеа да стигне до крајната цел.  

- Возот за Косово тргна од Белград, а не од Москва. Тргна со дозвола од функционерите во Белград. Возот беше донација за Србија и немаше дистанцирање од страна на Русија, што ги вознемири нашите граѓани, вклучително и српските, од безбедносен аспект. Ние не сакаме лоши односи ни со Русија, ни со Србија и не сакаме подароците кои и ги даваат на Србија да се користат за поттикнување тензии во Косово, истакна Мустафа.

За време на денешната посета на Приштина, покрај со Мустафа и со претставниците на косовските Срби, Столтенберг се сретна и со претседатлот на Косово, Хашим Тачи.