Свет
23. јуни 2016 - 9:19

Стоковите резерви на лекови станаа фармацевстки отпад

Знаете ли дека резерви на лекови во Сараево практично не постојат? Кантонот и градот Сараево во резерви немаат ниту една доза на лек, ниту санитетски материјал кој може да се употребува. Веќе одамна им истекол рокот на траење, а лековите кои во случај на епидемија или катастрофа би ги користеле граѓаните, сега се фармацевстки отпад. 

Јавната институција „Аптеки Сараево“, Дирекцијата за стокови резерви на КантонОТ Сараево и кантоналното Министерство за здравство со договорот кој го потпишаа се обврзуваат за грижа на резервите, а сега меѓусебно ја префрлуваат вината за настанатата состојба.

Стоковите резерви купени од буџетски пари на Кантонот, во вредност од околу 700.000 конвертибилни марки т.е. 350.000 евра, сега мора да се уништат и обноват.

Префрлување на одговорноста

Директорот на Дирекцијата за стокови резерви на Кантонот Сараево Исмет Вукотиќ за Ал Џезира вели дека Дирекцијата нема лекови во своите магацини и со самото тоа нема ни одговорност.

- Не знам за што би можел јас да ви зборувам. За сите информации контактирајте го Министерството за здравство на Кантонот Сараево, бидејќи тоа е нивна надлежност. Ние во Дирекцијата располагаме со еден дел на девизните резерви, а лековите не се во тие резерви и сето тоа не е доволно за еден град и кантон, вели Вукотиќ.

Дирекцијата за стокови резерви одговорноста ја префрлува на Владата и Аптеките.

- Ако некогаш само една доза на лек се најдеше во Дирекцијата, јас би ја сносел одговорноста. Меѓутоа, бидејќи ниту еден лек никогаш не ни бил предаден нам, ние фактички не сносиме никаква одговорност. Во ниту еден извештај никогаш не сум навел дека имаме или немаме лекови. Тоа што порано Владата купила лекови и директно ги дала на ЈУ Аптеки Сараево, прашајте ги нив зошто е така и што се случило, рече Вукотиќ.

Коментирајќи ја изјавата на Вукотиќ, новоименуваната директорка на „Аптеки Сараево“, Емина Оруч рече дека не знае од кога тој е на функција директор, но ако нешто е одредено како стокова размена, тогаш за тоа треба да биде надлежна Дирекцијата.

- Никаков интерес од нивна страна немаше. Според тоа, тој вид на оградување не е логичен, вели Оруч.

Реакцијата на кантоналната министерка за здравство Зилха Адемај е слична. - Дирекцијата не може да се оградува од тоа. Не знам дали тие биле запознати со проблемот, но тоа е нивна законска надлежност. Тие ја вршат набавката, со средства од буџетот, го следат текот на лековите и тоа мора да го прават во договор со институција која е квалификувана за чување на таква стока, вели таа.

„Аптеки Сараево“ волонтерски се грижеле за стоковите резерви

Оруч, која била на позиција извршна директорка за фармација и раководела со тим кој бил надлежен за стоковите резерви на лекови од 2000 до 2012 година, вели дека не е запозната што се случувало по нејзиното заминување.

- Важно е да се напомене дека сето тоа сме го правеле и сме се грижеле за стоковите резерви волонтерски. За таа работа не добивавме никаков надомест. Баравме од Министерството да ни плати дел од трошоците за фармацевсткиот тим, меѓутоа не наидовме на разбирање, вели Оруч.

Официјално примопредавање на стоковите резерви на некој друг немало, кога Оруч заминала од функцијата директор за фармација.

- Ако таа работа ја вршев волонтерски, тогаш немав ни обврска и одговорност за примопредавање. Потенцирам дека сето тоа сме го работеле волонтерски, рече Оруч.

Ал Џезира имаше увид во ревизорскиот извештај од 2006 година, во кој се наведува дека „Аптеките“ не постапувале во согласност со Законот за стокови резерви и дека стоковите резерви се ставени во промет и користени во редовно работење. Во извештајот се додава дека се отпишани лекови во вредност од 104.756,06 KM, т.е. 53.700 евра.

Прашана да ги коментира овие наводи, Оруч рече: „Не знам од каде ви е таа информација, ако зборувате за редовен годишен отпис кој е дел од работата на оваа институција, само тоа можело да биде во 2006 година‟.

- Во прашање се три институции и јас не сум компетентна да одговорам чива е одговорноста, но евидентно е дека тоа се наоѓа во нашиот магацински простор и дека уништувањето на отпадот чини многу, рече директорката на „Аптеки Сараево“.

Адемај: Не се знае кој е виновен

Адемај вели дека при преземање на мандатот не била запозната со проблемот на стоковите резерви на лекови.

- Прв пат со оваа проблематика се соочив кога го прочитав извештајот на „Аптеки Сараево“ за 2015 година, од кој јасно се гледа дека не е извршен попис на стоковите резерви кои биле во магацините во ЈУ Аптеки Сараево, рече кантоналната министерка за здравство.

На прашањето кој ќе ги плати трошоците за уништување на фармацевсткиот отпад, министерката Адемај вели: „Не знам, бидејќи прво треба да се утврди чија е тоа одговорност“.

- Во овој момент не можам да кажам кој е виновен, дали тоа е Дирекцијата за стокови резерви или „Аптеки Сараево“. Веројатно имаат вина и едните и другите. смета таа.