Македонија
28. January 2017 - 15:22

Стојчевски: Група писатели невешто се оградуваат од политичка партија или платформа

Претседателот на Комисијата за Годишниот конкурс за финансирање на проекти од национален интерес за 2017, од областа на литературата и издавачката дејност, Санде Стојчевски, во денешната реакција на Прогласот за заштита на достоинството на македoнскиот писател и на македонската книжевност, наведува дека очекувал незадоволства, но оти годинава користејќи се со политичката атмосфера, одредена група писатели се обиделе реакциите да ги подигнат на еден повисок степен.     

- Оваа година, очекувано, се случи истото, но со една очигледна и драстична разлика: одредена група писатели, користејќи се со тензичната политичка атмосфера, реакциите се обидуваат да ги подигнат на еден повисок степен, при што мошне невешто се обидуваат да си ги измијат рацете нагласувајќи дека децидно се оградуваат од секаква политичка партија или платформа, наведува Стојчевски.

Тоа оградување, како што наведува тој, пропушта вода од сите страни бидејќи списокот на „протестанти“ е речиси сосема совпадлив со членови, активисти и приврзаници на конкретна политичка партија и платформа.

- Тешко ќе можат да уверат кого и да е дека нивното незадоволство се храни само од резултатите на годинашнава издавачка програма. Сеедно што во сите години и децении наназад, во независна Македонија, издавачката програма била донесувана според исти принципи и правила, без разлика каков бил составот на комисијата. Сепак, само со еден исклучок, никогаш не се барало, со драматичен повик, да се изврши смена на комисијата и да се донесе сосема нова програма. Притоа, како да се подразбира дека промената треба да ја изврши новоформираната влада, која и да, каква и да е, но во секој случај препознатлива како блиска и беневолентна кон потпишаните, стои во реакцијата. 

Според Стојчевски, нема сомневање дека и во нивната протестна дописка има елементи кои овозможуваат да се размислува и да се разговара за подобрување и за унапредување на начините и критериумите преку кои би се вршел изборот на поддржуваните проекти.

- Податокот пак дека и оваа програма е донесена според постојните критериуми и правила, како и сите претходни години, а само сега се инсистира на драстична, би рекле револуционерна шарена постапка, става голем знак прашалник во однос на мотивите и добрите намери на овој протест.  Може, на пример, да се размислува за промена на пристапот на издавачите што конкурираат со проекти, па кај нив претходно да се селектираат предложените проекти; да се води сметка за рангот на поддржаните автори и дела, со што би се обесхрабриле многубројните скрибомански ориентирани „творци“, вистинските автори и дела би можеле комотно да бидат прифатливи и видливи, а со тоа би се намалил и штетниот културен шум што го создаваат слабите книжевни дела, посочува Стојчевски потенцирајќи дека за сето ова би можело да се разговара и да се има слух, но оти тоа не е причина да се атакува по секоја цена сега.

Не се води сметка притоа, според него, за соодветноста, прецизноста и оправданоста на квалификациите за конретни личности и проекти кои, сега се ставени во наводници и од капитални проекти сега се унижени со квалификацијата „капитални проекти“, без разлика на тоа што во нив учествувале најмалку 12 автори потпишани во прогласот.

- Тие без какво и да е спротивставување, напротив, со очигледно задоволство ги отстапиле своите дела да влезат во тие проекти, а се разбира, не ја одбиле ни финансиската награда за тоа.  Неискреноста и нечесноста на овие забелешки се гледа и од реагирањето за поддршката на дела од преводната литература, иако меѓу потписниците автори и издавачи се забележуваат имиња кои секоја година предлагаат и добиваат поддршка за дела од ваква природа, како и крупни и значајни имиња од нашата литература, посочува Стојчевски. 

Така на пример, продолжува тој, оваа година во Програмата се најдоа проекти на исклучителни и високо поставени македонски писатели од сите генерации, почнувајќи од Матеја Матевски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Митко Маџунков, Луан Старова, Илхами Емин, Али Алиу, Трајан Петровски, Стојан Тарапуза, Оливера Николова, Зекирија Незири, Иван Чаповски, Ташко Георгиевски, Михаил Ренџов, Раде Силјан, Веле Смилевски, Ефтим Клетников, Халил Зендели, Драги Михајловски, Венко Андоновски, Јусуф Сулејман и други, а од помладите автори Славица Гаџовска Свидовска, Емил Калешкоски, Марта Марковска, Ѓоко Здравевски и др. Освен тоа, во Програмата се поддржани проекти од врвни научни и културни авторитети кај нас, како што се на пример Цветан Грозданов, Витомир Митовски, Васко Ташковски, Вера Битракова, Ристо Стефановски, Томислав Тодоровски, Јелена Лужина и др.

- Ќе се согласат ли потписниците на прогласот дека програма за издаваштво во која се содржат дела на вакви незаобиколни креативни личности во нашата култура може да се смета за таква која не водела сметка за вредостите во националната култура. Се разбира дека во претходните години во програмата биле застапувани рамноправни авторитети во креативната сфера, а некои од застапените во годинашнава програма не биле застапени. Со други зборови, ниедна програма не може одеднаш да содржи сѐ, но таа треба, мора и, како што се гледа, може да содржи значителен дел од она што македонските творци го создаваат, потенцира Стојчевски.

Од пријавените 1.300 проекти (за публикации, списанија, електронско издаваштво, програми на литературни здруженија и книжевни манифестации и програми на национални установи од областа на издавачката дејност), Министерството за култура учествува со финансиска поддршка за реализација на вкупно 455 проекти одобрени во рамки на Годишната програма за 2017 година од областа на литературата и издавачката дејност. Од нив: 350 публикации, 44 списанија, 27 проекти од електронско издаваштво и 34 проекти на литературни здруженија и книжевни манифестации. Меѓу прифатените проекти од областа на литературата и културата застапени се: монографски изданија, изданија посветени за одбележување на јубилеи, оригинални дела од автори од Република Македонија пишувани на македонски јазик и на јазиците на заедниците, превод на литература, изданија наменети за деца и млади, стрип изданија, изданија наменети за лица со посебни потреби, списанија, електронско издаваштво и проекти на литературни здруженија и книжевни манифестации. Меѓу поддржаните проекти може да се споменат позначајни монографски изданија како: „Залив на коските / Праисториска палафитна населба на Охридското Езеро“; „Пенелопа / Праисториска палафитна населба на Охридското Езеро“, потоа изданието за „70 години Македонска опера и балет (45 години Мајски оперски вечери)“, група автори, „Творештвото на Борко Лазески“, група автори. Потоа поддршката за издавање на 10 стрип книги. Меѓу одобрените проекти застапени се драмски дела, стрип, научно истражувачки проекти, филм, историја, филозофија, лексикографски изданија, литература за деца и млади и друго. Потоа списанија од областа на литературата, културата и уметноста и електронско издаваштво.

Меѓу проекти на литературни здруженија и книжевните манифестации особено се значајни манифестациите „Струшки вечери на поезијата“, „Рациновите средби“, „Меѓународниот семинар за јазик, литература и култура“, „ПРО-ЗА Балкан“ и други.

- Накусо, потпишаните автори на „протестот“, меѓу кои има и сосема кревки книжевни авторитети, кои сепак со години наназад биле редовно поддржувани и застапувани во издавачките програми, а и такви кои и годинава воопшто и не се јавиле на конкурсот, меѓутоа, веројатно се свесни дека и покрај развлечениот список, надвор од него, во современата македонска литература и култура постојат активни, висококвалитетни и неспорни автори кои значат непоместливи вредности во нашата современа литература. Значи ли тоа дека овој протест е повик и, се разбира, предизвик овие автори исто така да се потпишуваат под конкретни списоци за контрапрогласи. Уверени сме дека такви списоци нема да бидат обнародени и јавно натурени, што, секако не значи дека тој список, во свеста и совеста на секој потпишан во прогласот не е јасен, чист и несомнен, оценува во реакцијата Стојчевски.