Македонија
10. јуни 2020 - 21:37

Стојанче Ангелов до Ахмети: Се знае кои кренаа бело знаме во 2001

И вие и јас, добро знаеме дека не бевме ние, припадниците на македонските безбедносни сили кои во 2001 година го кренаа белото знаме. И вие и јас добро знаеме што ќе се случеше ако не беа тие кои го кренаа белото знаме, се вели во реакцијата на генералот Стојанче Ангелов на денешното излагање на претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Денеска Ахмети изјави дека „кога сонувавме за слободата во 2001 година, истата категорија на луѓе се потсмеваа и го кренаа белото знаме“.

„За да нема забуна во македонската јавност, вие и јас добро знаеме кои беа тие кои во 2001-та го кренаа белото знаме.

Во 2001-та, ние, припадниците на македонската Армија и Полиција, победивме насекаде каде што имавме наредба да војуваме. Со нашата пожртвуваност и храброст победивме и не дозволивме да биде отцепена ниту педа македонска земја. За жал, иако ние победивме, политичарите изгубија. Тогашните македонски политичари беа тие кои го кренаа белото знаме. Од друга страна, и вие и јас, знаеме зошто тие го кренаа белото знаме. Но, и вие и јас, знаеме дека оние кои тогаш ви помагаа вам, денес ни помагаат нам. Кога велам нам, мислам на сите нас, и на вас и на нас. Затоа, извесно време наназад, верувам во нашата заедничка иднина, верувам во нашата заедничка држава, верувам во нашата Македонија.

Г-дине Ахмети,

Токму заради избегнување на она што ни се случи некогаш, она чија крвава цена ја плативме тогаш, но ја плаќаме и сега, сите ние, и вие и ние, апелирам на поголема внимателност при давањето на јавни изјави, посебно кога се споменуваат чувствителни и болни теми како што е војната од 2001-та.

Г-дине Али Ахмети,

Што се однесува до идејата за премиер Албанец, ако е образован, искусен, вреден и чесен, зошто не? Има само еден мал проблем. Вообичаено, барем кај нас, премиер е еден од претседателите на двете најголеми македонски партии. Без негова согласност вакво нешто не би било можно. Познавајќи го лично Зоран Заев, се сомневам во такво нешто. Се сомневам дека претседателот на СДСМ ќе го отстапи премиерското столче во корист на некој од ДУИ. Истото се однесува и на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски, кој, иако не го знам лично, во случај да формира влада, а нема, не ми изгледа како некој кој би се откажал од премиерското столче. Од друга страна и вицепремиер не е малку, зарем не? Особено ако е чесен, вреден, образован, искусен и добар.

Нека биде мир во земјата“, напиша Стојанче Ангелов на својот фејсбук-профил.