Македонија
22. September 2018 - 13:28

Стоилковски: Спогодбата со Грција значи бришење на македонскиот идентитет и бришење на името Република Македонија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека спогодбата со Грција значи бришење на македонскиот идентитет и бришење на името Република Македонија. Како што кажа портпаролот на опозициската партија, Наум Стоилковски, спогодбата со Грција значи забрана да се употребува името Македонија, спогодбата со Грција значи цезура секогаш кога ќе се спомене Македонија!

-Уште не стапила на сила, а веќе ги гледаме ефектите. Првиот скандал е пред нас. Зоран Заев кој е Премиер на Република Македонија по забелешки од нашиот јужен сосед мора да ги цензурира сопствените изјави. Државната новинска агенција не смее да објави негова оригинална изјава, па одеднаш менува нешто што Заев не кажал, само за да не го пренесе тоа што го кажал и тоа без да објасни зошто го прави. Објавува измислен став и ги доведува во заблуда корисниците на сервисот без да наведе дека станува збор за корегирана верзија, по урнек на начинот на кој што работи Заев, а тоа е „ако помине, помине. ако ги излажеме, ги излажеме“, изјави Стоилковски.

Како што вели Стоилковски државната агенција МИА, (која што и сама треба да го смени името според договорот со Грција) итно цензурирала, извришала, преиначила, сменила, изјава на Зоран Заев, на само едно реагирање на Атина.

-МИА е првата медиумска жртва на бришењето на идентитетот! Го преиначува, го брише премиерот по диктат на Грција. Одговорност е на МИА како државен сервис и како агенција која мора да се води по професионалните новинарски кодекси да не потпаѓа под влијание и цензура и оваа капитулација и обид за обезличување и да ги сочува и архивира за идните генерации! Имено, Грчкиот весник Катимерини, пишува дека МИА цитирам „ во петокот ги смени изјавите дадени од премиерот Зоран Заев по интервенцијата од Атина. Па потоа продолжува „Во интервју за МИА во Вашингтон, Заев, наводно, рече: “Северен дел од Грција е Грција, западниот дел на Бугарија е Бугарија. Ова е наша Македонија и нема да има уште еден во светот “, објави МИА првично. Сепак, МИА подоцна целосно го промени цитатот. Ревидираниот цитат гласеше: “Сите знаеме дека денес дел од геополитичкиот регион на Македонија е во Грција, дел е во Бугарија, а северниот дел е во нашата земја. Никој никогаш нема да се обиде да ја негира нашата Македонија. Придавката “Север” прави разлика и потврдуваме дека постојат региони во Бугарија и Грција кои се нарекуваат Македонија “, продолжува Катимерини, изјави Стоилквоски.

Тој кажа дека ова е срам и за МИА и за премиерот на Република Македонија, дека ова не е зачуван образ и идентитет.

-После извинувањето за Илинден, ова сега е уште една капитулација и доказ дека ќе имаме проблеми дури и кога ќе се шепоти името Македонија. Има ли подобар доказ дека со договорот со Грција предадена е сувереноста на државата. Грција го менува нашиот уставот и изготвува амандмани, а сега ги менува и текстовите на националната новинска агенција, вели Стоилковски.

Стоилковски порача дека за ваквиот новинарски срам мора да има одговорност од врвот на МИА.

Ваквиот срам не смее да се повтори. Затоа СДСМ мора веднаш да ги објави амандманите за смена на Преамбулата, за бришење на АСНОМ, Крушевската република, вековната борба на Македонците за држава Македонија. Кои се и какви се точно Уставните измени на барање и диктат на Грција? Што дополнително „НЕПРИЈАТНО“ ќе биде за Македонците? СДСМ и Зоран Заев покажете барем малку почит кон оние кои слепи ви веруваат. Амандманите ги знаете, измените ги знаете, Зоран Заев сам ги наброја, изјави Стоилковски.