Бизнис
11. September 2018 - 12:17

Сто милиони евра за малите и средни претпријатија

Малите и средни претпријатија ќе добијат 100 милиони евра евтини кредити. Парите се од Економската инвестициска банка а ќе бидат распределни преку Македонската банка за поддршка на развојот и деловните банки.  За нив ќе може да се аплицира од средината на следниот месец.

Кредитната лини ќе биде достапна во наредните две години. Се очекува да биде понудена по пониски каматни стапки и ќе има рок за враќање од 12 години со грејс-период од две до четири години во зависност од проектот.

-Во моментот тие кредитни средства од претходните програми се пласираат од 5,5. Очекуваме овие кредитни средства, во зависност од цената по која ќе ги добиеме средствата, да се пласираат со околу 3,5 процентни поени, појасни директорот на Македонската банка за поддршка на развојот, Драган Мартиновски.

Според премиерот Заев, станува збор за поволна кредитна линија. Апелира до компаниите да ги искористат овие средства.

-Посебно поволен е фактот што откако заемите од оваа кредитна линија ќе бидат вратени, повторно ќе се пласираат како кредити во нашето стопанство. И оваа привилегија за Република Македонија на новата поволна кредитна линија е потврда за добрата кондиција и движење на македонската економија, рече претседателот на Владата, Зоран Заев.

Освен овие пари, на компаниите достапни им се и средства од Буџетот во висина од 1,3 милијарда денари за поддршка и една милијарда денари за активни мерки за вработување.

Заменик-директорот на ЕИБ истакна дека со оваа кредитна линија се поддржува приближувањето на земјава кон ЕУ и најави дека имаат намера во иднина да се фокусираат на поддршка на транспортот, енергијата и заштитата на животната средина во земјава.

Досега вкупната поддршка од ЕИБ за земјава изнесува 450 милиони евра.