Македонија
24. September 2018 - 13:28

Стипендии за 70 студенти од социјалните категории од Фондацијата ЛЕОРОН

Седумдесет студенти од социјалните категории од цела држава, добија стипендија од Фондацијата ЛЕОРОН, добротворна организација со седиште во Скопје и дел од институтот ЛЕОРОН од Дубаи.

Студентите потпишаа едногодишни договори за стипендиите, кои се во вкупна вредност од над 4,3 милиони денари. 

Од фондацијата истакнуваат дека вложуваат напори да ги елиминираат разликите во образованието и да обезбедат еднаков пристап до високото образование кај граѓаните.

- Мисијата на Фондацијата ЛЕОРОН е промоција на академскиот развој во заедниците каде што работи. Сигурна сум дека сите вие ќе придонесете кон оваа мисија со вашата работа во нашето општество и заедницата во која живееме, вели Ваљјета Јусуфи, извршен директор на Институтот ЛЕОРОН, стои во денешното соопштение.

Во ЛЕОРОН пристигнале повеќе од 700 апликации за стипендии. На процесот на финализирање на 70-те финалисти му претходела селекција врз основа на социјалната и економската состојба на апликантите, а важна улога играл и академскиот успех на кандидатите.

Инаку, од Фондацијата додаваат дека доделените студентски стипендии се продолжение на цела низа на добротворни активности кои ЛЕОРОН ги организира во повеќе земји, вклучително и Македонија.