Балкан
14. April 2016 - 9:56

Стејт департментот: Во Бугарија владее јавна нетрпеливост кон Ромите

Маргинализацијата на ромското малцинство и јавната нетрпеливост кон него и натаму е голем проблем во областа на човековите права во Бугарија, се наведува во делот за Бугарија во извештајот на Стејт департментот на САД за состојбата на човековите права во светот во 2015 година.

Континуираното влошување на медиумската средина и зголемувањето на корпоративната и политичката зависност на медиумите исто така беа проблематични минатата година, се вели во документот објавен на сајтот на Стејт департментот. 

Корупцијата продолжува да ја попречува способноста на Владата и да ја поткопува довербата на јавноста кон бизнис секторот во судството и во другите владини институции, се истакнува во извештајот. 

Стејт департментот наведува и случаи на верска дискриминација и малтретирање во Бугарија и ги споменува антимуслиманските демонстрации. 

Во извештајот се напоменува и за слабости во процесот за интеграција на бегалците и политиката во оваа област, за изборни измами, насилство врз полова основа и дискриминација на жените, насилство врз децата, трговија со деца, како и за дискриминација на малцинствата при вработување.