Македонија
13. December 2016 - 16:38

Стејт Департментот честиташе на изборите во Македонија – Новата влада да се фокусира на реформите

Американскиот Стејт Департмент го поздрави одржувањето на изборите во Македонија.

Портпаролот Џон Кирби изборите ги оцени како важен прв чекор за излегување од политичката криза.

-Им честитаме на македонските граѓани кои го искористија своето право на глас на парламентарните избори на 11 декември. Исто така, ги поздравуваме првичните заклучоци на ОБСЕ и ОДИХР дека изборите биле конкурентни и дека фундаменталните слободи беа генерално почитувани. Одѕивот беше висок, а изборите беа спроведени на мирен и уреден начин, со неколку случаи на процедурални нерегуларности. Се приклучуваме кон загриженоста на овие две организации околу административната подготвеност за изборите и ја охрабруваме идната влада да продолжи да работи на градење на капацитетот во Државната изборна комисија и да се разрешат структурните и правните прашања во врска со гласачките списоци’’, изјави Кирби.

Стејт Департментот ја повика идната влада во соработка со опозицијата веднаш да се посвети на реформите.

-Ги охрабруваме партиите што ќе ја формираат новата влада да работат конструктивно со опозицијата за спроведување на реформи кои ќе ја унапредат евроатланската интеграција, особено во областа на владеењето на правото’’, рече Кирби.

Американската администрација ги уверува македонските граѓани дека во напорите за реализирање на тие активности ќе имаат партнер во Соединетите Американски Држави.