Македонија
14. March 2019 - 16:22

Стејт департментот бележи извесен напредок во извештајот за човековите права

Напредок во медиумите и судството во земјава оценува американскиот Стејт департмент во извештајот за човекови права. Корупцијата се уште е на високо ниво и останува  важен проблем кој треба да се реши.

Во медиумскиот сектор стејт департментот забележува подобрување од аспект на поотворена политичка дебата  но се уште постојат проблемите од аспект на независност на медиумите и заплашувања на новинари.

Во извештајот се истакнува дека медиумите остануваат во голема мера поларизирани по политички, етнички и лингвистички линии и дека "се уште се далеку од делување независно од политичкото влијание"

Властите во 2018 покажале поголема почит кон независноста и непристрасноста на судството  во споредба со претходните години. Позитивно ја оценуваат судската разврска за настаните од 27 април. Бројот на притвори опаднал а во повеќето случаи кога обвинителствата побарале притвор, судот одредил други превентивни мерки.

Ограничената независност на судството, политизацијата на судскиот надзорен орган и недоволните финансии се понатамошна пречка за работата и ефикасноста на судовите.

За затворите во земјава стои дека и  натаму се соочуваат со недостиг на финансии, несоодветна обука, полицајци. Согласно извештаите на советот на Европа условите се опишани како сурови, нехумани и деградирачки.

Оценувајќи го извештајот државниот секретар Мајк Помпео истакна дека се уште се кршат човековите права и во земјите сојузниците на САД .

Дури и кај некои од нашите пријатели, сојузници и партнери низ светот се кршат човековите права. Ги документиравме тие извештаи со еднаков пристап. Нашата цел е секогаш да ги идентификуваме предизвиците со човековите права и да го користиме американското влијание и моќ да ја придвижиме секоја земја кон подобри и поодржливи практики за човековите права.

Извештајот за човековите права  поединечно за секоја земја се објавува редовно од 1976г.