Балкан
30. December 2017 - 8:41

Стејт департментот бара од Косово да не се укинува судот за воени злосторства

По американската амбасада во Приштина, и Стејт департментот се огласи во врска со обидите на косовските власти да го укинат новоформираниот специјален суд за воени злосторства, кој треба да им суди на команданти на Ослободителната војска на Косово.

- САД се длабоко загрижени поради неодамнешните обиди во косовскиот Парламент да се укине законот за специјалниот суд, кој беше основан да суди во случаи на наводни злосторства против човештвото, воени злосторства и други сериозни кривични дела извршени за време на конфликтот од 1998 до 2000 година. Ги повикуваме политичките водачи на Република Косово да останат посветени на работата на специјалниот суд и да не го менуваат раководството и овластувањата на судот. Секретарот Тилерсон кажа дека потрагата по правда на Балканот се уште не е завршена и ние остануваме посветени на тоа жртвите да ја добијат правдата. Аплаудираме на моралната храброст на косовското раководство кое го донесе законот и уставниот амандман во 2015 година и овозможи овој суд да се формира. Силно ги повикуваме сегашното косовско раководство и членовите на Парламентот да не го поништуваат ова достигнување со мешање во судот сега, или во иднина, изјави портпаролката на Стејт департментот Хедер Нојерт.

Повикот на САД доаѓа откако пратеници од косовските партии предводени од поранешни команданти на ОВК, кои ја предводат владејачката коалиција, поднесоа барање за укинување на законот со кој беше формиран судот. Косовскиот претседател Хашим Тачи, кој беше главен командант на ОВК за време на војната, најави дека тој ќе ја потпише одлуката за расформирање на специјалниот суд, доколку таа биде донесена во Парламентот.

- И тогаш и денес сметам дека формирањето на судот е историска неправда, особено сега, по затворањето на Хашкиот трибунал. Зошто на Косово му треба нешто специјално, посебно? Ние не нападнавме некоја земја, ние не ја нападнавме Србија, туку Србија го окупираше Косово, а ние водевме одбранбена војна да го ослободиме народот на Косово, изјави Тачи во интервју за Радио слободна Европа.

И косовскиот премиер Рамуш Харадинај е поранешен командант на ОВК, при што во јавноста се шпекулира дека и Тачи, и Харадинај, и неговиот брат Даут Харадинај, можат да се соочат со обвиненија за извршени воени злосторства.