Македонија
8. August 2018 - 19:36

Стејт департмент: Македонија дава важен пример во борбата против тероризмот

Американскиот Стејт департмент оддаде благодарност до Македонија заради покажаната одговорност за нејзините државјани кои беа заробени во Сирија од Сириските демократски сили, а се бореле на страната на ИСИЛ, јави дописникот на МИА од Вашингтон.

- Македонија дава важен пример за меѓународната заедница кој треба да го следат сите членови на Коалицијата за уништување на ИСИЛ, изјави за МИА портпарол на Стејт департментот.

Додада дека според резолуциите на Советот за безбедност на ОН 2396 од 2017 и 2178 од 2014, странските терористички борци се заеднички безбедносен предизвик кој бара колективна одговорност од меѓународната заедница.

- Критично е да постои меѓународна соработка за справување со заканата од странските терористички борци заробени од Сириските демократски сили. Одговорноста за тие поединци кои заминале за Сирија и се придружиле на ИСИЛ е критична во справување со оваа закана, изјавија од Стејт департментот.

САД  ги повикуваат земјите да покажат одговорност за нивните државјани кои станале терористи, а се задржани од Сириските демократски сили.

Министерство за внатрешни работи на Македонија, вчера соопшти дека привеле седум македонски државјани за кои постојат основани сомненија дека како странски терористички борци активно учествувале во конфликтите во Сирија и Ирак. Тие биле приведени во соработка со партнерите од Глобалната коалиција за уништување на ИСИЛ и Сириските демократски сили. По македонските државјани С.Р. 1990, Џ.А. 1993, Б.Ф. 1994, О.Ж. 1987, Е.О 1994, И.Ш. 1977, А.М. 1995, е распишана меѓународна потерница и според член 322а и 394а од Кривичниот законик на Република Македонија против нив се поднесени кривични пријави во рамки на полициските акции „Ќелија 1“ од август 2015 година и „Ќелија 2“  од јули 2016, соопшти МВР.