Македонија
21. October 2015 - 16:33

Стејт департмент: Договорот од Пржино е најдобар излез од политичката криза

Договорот од Пржино е најдобриот начин за излез од политичката криза во Македонија, смета американскиот Стејт департмент. Портпаролот Џон Кирби ги повика лидерите на партиите да го надградат напредокот што веќе го постигнаа со имплементирањето на политичкиот договор од 15 јули, како најдобар начин за излез од кризата, што ќе го отвори патот за кредибилни избори во април следната година.

,,Партиите го пропуштија крајниот рок за постигнување договор околу сериозните прашања поврзани со составот на Владата, Законот за заштита на ,,свиркачите‘‘ и заштитата на приватноста. Македонските лидери минатиот месец презедоа важен чекор за воведување специјален обвинител, кому мора да му се дадат средствата и персоналот кои ги одреди како неопходни за извршување на нејзиниот мандат. Политичките партии не треба да влијаат или да ја ограничуваат нејзината работа‘‘, изјави Кирби.

Стејт департментот се надева дека работните групи на партиите ќе продолжат со преговорите и ги повика сите страни на прво место да ги стават интересите на земјата, со што партиите ќе ја реафирмираат заложбата за македонските евро-атлантски интеграции.