Македонија
1. July 2016 - 11:04

Стејт Департмент: Бегалската криза ги намали ресурсите на Македонија за борба против трговија со луѓе

Македонија е рангирана едно место подолу на годинешниот извештај на американскиот Стејт Департмент за борбата против трговија со луѓе. Со огромната мигрантска криза во текот на 2015 и почетокот на 2016 година, Стејт Департментот оценува дека Македонија е извор, транзитна земја и дестинација за мажи, жени и деца кои се подложени на тргување или принудна работа. До мигрантската криза, Македонија беше рангирана во групата Тиер 1 во извештајот на САД, а сега е рангирана во Тиер 2.

- Владата на Република Македонија не ги исполнува во целост минималните стандарди за елиминирање на тргоцијата со луѓе, но прави значителни напори за да ги исполни. Напливот на бегалци и мигранти претставуваше сериозен притисок врз ресурсите на Владата и нејзиниот капацитет да ги заштити жртвите и да спречи тргување со луѓе значително се намали, пишува во извештајот објавен во четвртокот.

Во извештајот е наведено дека во текот на 2015 година Македонија го изменила законот со цел да им дозволи на мигрантите кои преминуваа преку Грција да го продолжат својот пат доколку изразат намера да побараат азил во Македонија. Но, со заострувањето на граничните контроли на север од Македонија, со што и македонските власти мораа да воведат забрана за премин на лица кои не се граѓани на Сирија, Ирак и Авганистан, Стејт Департментот забележал зголемување на бројот на шверцери со луѓе во Македонија. Во текот на 2015 година биле идентификувани 94 потенцијални жртви на трговија со луѓе меѓу групите мигранти кои секојдневно минуваа низ Македонија, но овие случаи не биле дополнително истражени, и не биле воведени проверки за идентификување на жртвите на трговија со луѓе, пишува во извештајот.

Надвор од мигрантската криза, извештајот оценува дека децата, особено од ромската заедница, и понатаму се жртви на принудна работа, питачење, како и на сексуална злоупотреба преку принудни бракови. Странски жртви на трговија со луѓе во Македонија, пред се за сексуални злоупотреби, се најчесто државјани на Албанија, Босна, Косово, Романија и Србија и Украина. Македонски граѓани и странски државјани кои транзитираат низ Македонија биле сексуално злоупотребувани или принудувани на работа, пред се во градежната индустрија, во поголем број европски држави. Седум трговци со луѓе биле осудени во 2015 година, а за седуммина биле почнати судски постапки. Четири лица биле осудени за принудни бракови. Тројца полицајци се под истрага од 2014 година, за наводна вмешаност во трговија со луѓе.