Фудбал
24. April 2017 - 19:14

Ставрев ќе го суди дербито Шкендија – Вардар

 
 
 Еден од најдобрите македонски судии Александар Ставрев ќе ја има улогата на главен арбитер на претстојниот дерби натпревар меѓу Шкендија и Вардар. 
 
Во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска со ждрепка беа одредени судиите за претстојното 29.коло од Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ).
 
Големото дерби кое ќе се игра во Тетово, а во кое второ пласираната Шкендија ќе  го пречека лидерот и актуелен шампион Вардар, правдата ќе ја дели Александар Ставрев, кому ќе му помагаат Марјан Кировски и Дејан Костадинов. 
 
Вториот меч кој ќе предизвика внимание, а во кој прилепска Победа ќе биде домаќин на Силекс ќе го суди Димитар Мечкаровски.
 
На „Градскиот стадион“ во Штип, на мечот меѓу Брегалница и Пелистер на центарот ќе биде Марјан Маркоски, додека во Ѓорче Петров, на дуелот меѓу Македонија ЃП и Ренова ќе суди Далибор Ѓорѓевски. 
 
Овие средби ќе се играат во среда (26 април) со почеток од 16 часот, термин во кој ден подоцна (четврток) ќе се игра и последниот натпревар од ова коло меѓу Работнички и Шкупи, а главен судија ќе биде Зоранчо Темелков. 
 
На табелата, водечки е Вардар со 68 бодови, дури 13 повеќе од Шкендија (55). По водечката двојка следуваат: Работнички 47, Пелистер 40, Ренова 38, Силекс 36, Шкупи 29, Победа 23, Македонија ЃП 19 и Брегалница 18.