Македонија
22. July 2015 - 13:11

Ставрески: Повеќе патници со новата аеродромска инфраструктура и владините мерки

Македонија има најдобра аеродромска инфраструктура од сите земји во поранешна Југославија. Светскиот економски форум во последниот извештај Travel & Tourism Competitiveness споредува и рангира 141 земја во светот. Македонија се наоѓа на 59 место.

Земјава има оценка 4,7 и е подобро рангирана од Словенија,Црна Гора, Хрватска и Србија.

Ова не е прво признание на македонските аеродроми. Неодамна Александар Велики беше прогласен за деветти најдобар во Источна Европа , а во 2013 и 2014 го доби признанието најдобар мал аеродром.

Во овој период континуирано се зголемува и бројот на патници. Во првите шест месеци од 2009 имало над 270 илјади патници, а во истиот период оваа година 634 илјади или два пати повеќе.

-Рангирањето на Македонија во последниот Извештај на Светскиот економски форум како држава со најдобра аеродромска инфраструктура  од земјите во поранешна Југославија е потврда дека развојот на туризмот  и приказната за туристичката понуда во државава одат во добра насока. За привлекување повеќе туристи, придонесоа и мерките на Владата да се субвенционираат турооператорите кои ќе донесат туристи во Македонија со евтини билети, како и субвенционирањето на компаниите што носат туристи, подобрувањето на туристичката понуда, изградбата на нови туристички и реновирањето културни  објекти, вели вицепремиерот Зоран Ставрески.

Според извештајот на СЕФ кој се објавува на секои две години најдобра инфраструктура имаат аеродормите во Сингапур, ОАЕ и Хонг Конг.

Наташа Хаџиспиркоска Стефанова