Македонија
18. September 2019 - 13:33

Став на МНР: Ратификацијата за членство во НАТО е исклучиво техничко прашање

-Согласно дадениот План за спроведување на пристапниот процес, изготвен од службите на НАТО и доставен до нашата земја на 1 август 2018 година, а во кој е вклучена и индикативната временска рамка за реализација на пристапниот процес, полноправното членство на земјата во НАТО се предвидува да се реализира во првиот квартал на 2020 година (тентативно е посочен месец април 2020г.), соопшти МНР за Сител.

-Индикативните рокови во Планот за спроведување на пристапниот процес, произлегуваат од стекнатите искуства и примери во НАТО од последните циклуси на проширување и прием на нови земји-членки во Алијансата. Искуствата се различни и покажуваат различна временска динамика која нема конкретен или конкретно регулиран временски дијапазон, односно истиот е врзан со временските аспекти (кои се технички и различни во секоја од земјите-членки на НАТО) во однос на процедурите за ратификација на Пристапниот протокол во националните парламенти на земјите-членки на НАТО. Во нашиот случај, досега, ратификацијата на Пристапниот протокол е завршена во националните парламенти на 21 од вкупно 29 земји-членки на НАТО. Сепак, за процедурата да биде целосно завршена, односно за комплетирање на ратификацијата се смета откако Стејт Департментот во Вашингтон ќе ги информира соодветните служби на НАТО дека инструментите за ратификација се депонирани во Стејт Департментот – кој е депозитар на Вашингтонскиот договор, стои во соопштението испратено од МНР.

Според Министерството тжТреба да се предочи и следното, што впрочем во неколку наврати и самиот ГС на НАТО Столтенберг го изјави, а тоа е дека, оваа процедура (ратификацијата на Пристапниот протокол) е исклучиво национална обврска (на националните парламенти) на земја-членка на НАТО, и ниту НАТО, ниту нашата земја немаат ингеренции ниту можност да се мешаат во оваа процедура.

Во однос на посочениот термин – декември 2019г., од МНР потенцираат: „Наша заедничка заложба со земјите-членки на НАТО е за време на декемврискиот состанок на лидерите на НАТО (3-4 декември 2019г.), во Лондон, кога воедно ќе се одбележи и 70-годишнината на Алијансата, е да се искористи значењето на овој настан за промоција на успешните политики на отворени врати на Алијансата, но и важноста од членството на нашата земја во НАТО, како исклучителна придобивка кон обезбедување на натамошна регионална безбедност и стабилност, вклучитено и во рамките на евроатлантската област, на која природно и’ припаѓа и нашиот регион“.

Доколку некои од земјите-членки не стигнат со процесите за ратификација и процесот се реализира следната година, на ова треба да се гледа исклучиво како техничко прашање за нашата земја, која треба да стане 30-та земја-членка на НАТО. 

 
Валентин Николоски