Бизнис
6. September 2018 - 16:21

Статистика: БДП со раст од 3,1% во вториот квартал од годинава

Раст на БДП од 3,1% во вториот квартал годинава, споредено со истиот период лани. Сепак, градежништво, што важеше за еден од основните двигатели на економијата и натаму е во длабок минус. Овој сектор е во негатива од 12,9%. И кај бруто инвестициите нема раздвижување. Кај нив минусот е 11,3%.

“Мора да потенцираме дека споредбата на 3,1% раст на БДП е во вториот квартал од 2018 година, во однос на истиот од 2017 година. Со оглед на фактот дека вториот квартал од 2017 година беше основицата беше толку ниска што во истиот тој квартал македонската економија го забележа дури и единствениот негативен раст во периодот. Затоа и гледаме ваков скок од 3,1%”, вели Иван В’чков, економист од Фајнанс Тинк.

Според експертите, најзаслужни за ваквата бројка се растот кај индустриското производство и кај увозот и извозот на стоки и услуги, за што најмногу придонесуваат активностите на странските фирми.

Иако реализацијата на капиталните инвестиции заглави и во првата половина годинава се потрошија само 80 милиони евра од предвидените 390 милиони евра, надлежните до крајот на годинава предвидуваат реализација од најмалку 80%. Со тоа сметаат дека е достижен проектираниот раст на БДП од 3,2%.

“Државата од бројки како минус 1,2%, минус 1,7%, па преку 0,1% минатиот квартал, полека ја носиме во позитива од 3,1% и економијата ја доведуваме во ред”, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања.

Според економистите, следните два квартали се клучни за да се достигнат владините проекции за раст.