Стартуваше изградбата на браната ,,Конско‘‘
Почна изградбата на браната Конско во Гевгелија. Браната со акумулација е дел од хидросистемот Конско, проект вреден над 2, 4 милијарди денари. На почетокот на градежните активности на браната присуствуваше и премиерот Зоран Заев кој потенцираше дека овој проект за граѓаните на Гевгелија ќе значи и реализација на нивната долгогодишна потреба и желба од навремено снабдување со здрава и чиста вода за пиење, но и вода за наводнување .
- Изградбата на овој хидросистем претставува најголем инфраструктурен зафат во овој регион изминатите 50 години кој ќе се гради со обезбедени средства од министерството за земјоделство шумарство и водостопанство од програмата за рурален развој и што е најважно, оваа вештачка акумулација ќе има мултифункционална улога, рече Заев.
Во гевгелискиот регион од можните 12 326 хектари обработлива површина засега можност за наводнување имаат нешто повеќе од 2600 хектари, но реално во моментов вода има само за околу 1500 хектари. Со изградбаата на браната површините кои ќе добијат можност за наводнување ќе се зголемат за пет пати.
- Со новото техничко решение, односно преку изградба на три подсистеми на оваа брана ќе се наводнуваат над 8000 хектари плодно обработливо земјиште, рече Николовски
Поврзано со овој настан реагираа од ВМРО ДПМНЕ. Од таму велат, владата на Заев отпочнува изградбата на браната Конско, уште еден проект кој беше изготвен од владата на ВМРО-ДПМНЕ, што говори дека оваа власт е неспособна и безидејна да подготви вакви капитални проекти. Отпочнувањето на изградбата на браната Конско е уште една потврда за правилната политика водена од страна на ВМРО-ДПМНЕ, а истовремено и потврда дека СДСМ ја лажеа и манипулираа јавноста пред две години, кога го оспоруваа овој проект и велеа дека бил воден во криминална постапка, стои во реакцијата на опозициската партија.