Македонија
21. јуни 2021 - 17:00

Стартуваа внатрепартиските процедури за избор на кандидати за градоначалници

Граѓаните, членството и кредибилитетот на кандидатите ќе бидат факторите врз основа на кои ќе се бираат кандидатите за градоначалници и советници, тврдат и владејачката СДСМ и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Иако до изборите има уште најмалку три месеци, двете партии веќе ги почнале внатрепартиските процедури за избор на кандидати, а и двете партии велат дека ги имаат фаворитите за победа.

Кај СДСМ веќе една недела почната е постапката за кандирање преку месните заедници или самокандирање, но кандидатите се одредуваат и преку теренските активности „Најдоброто за вашата општина“.

СДСМ очекува листата на кандидати за градоначланици и советници да ја заокружи кон кракот на август или почетокот на септември.

Слично, е и кај ВМРО-ДПМНЕ. Таму во тек се анкети, а пулсот теренски ќе се испитува и преку работно лето со новиот слоган „Македонија за сите луѓе“.

Партиите засега не ги откриваат евентуалните коалиции за локалите избори. Од опозицијата велат разговараат и се спремни да соработуваат за изборите со сите партии кои сакаат да учествуваат во рушењето на оваа власт. Од власта пак, претпазливо велат дека се уште е рано за објава на некаква соработка, особено со коалициските ДУИ и БЕСА.