Македонија
22. јуни 2016 - 14:02

Старата општинска зграда во Чешиново-Облешево ќе стане културен дом

Општината Чешиново-Облешево во рамки на прекуграничната соработка со Бугарија, аплицираше за реконструкција на старата општинска зграда во културен дом.

Објектот е изграден 1946 година и изминатите години во него беа сместени некогашната општина Облешево, Матичната служба и неколку невладини организации.

- Ова е прв заеднички проект што нашата општина ќе го реализира со општината Бобов Дол од Република Бугарија. Во овој проект, бугарската општина е носител на активностите и тој е во висина од 230 илјади евра, изјави Костадин Личков, градоначалник на општина Чешиново-Облешево.

Во реконструираниот културен дом во Облешево, според Личков, ќе има музејска збирка со археолошки и етнолошки артефакти од облешевскиот крај, сала за состаноци, мала сала за работа на фолклорни и пејачки групи и музичари.

Личков ја најави и соработката со бугарските општини Благоевград и Ќустендил за заеднички проекти финансирани од ИПА програмата.