Свет
5. November 2018 - 9:38

Стапија во сила санкциите кон Иран, Техеран најави нивно кршење

Американските санкции кон Иран денеска стапија во сила, што претходно беа укинати со потпишување на мултилатералнито договор од 2015 година, а Техеран најави дека ќе ги крши и ќе продолжи да продава нафта.

– Америка сакаше да ја сведе продажбата на иранска нафта на нула… но ние ќе продолжиме да продаваме нафта… да ги кршиме санкциите, изјави иранскиот претседател Хасан Рохани.

Американските санкции се однесуваат на транспортниот, финансискиот и енергетскиот сектор на Иран, а тоа е втор пакет санкции откако американскиот претседател Доналд Трамп се повлече од Договорот во мај годинава.

Со санкциите на САД ќе се казнуваат и државите кои ќе продолжат да увезуваат иранска нафта, како и странските компании кои соработуваат со ирански фирми од така наречената црна листа. За сега, осум неименувани држави ќе бидат изземени и ќе им се овозможи привремен увоз на иранска нафта без американски санкции.

Според американски претставници, санкциите ќе важат се додека Иран не престане да го поддржува тероризмот, се повлече од Сирија и целосно ја укине Програмата за развој на нуклеарно оружје и балистички ракети.

Официјален Техеран претходно соопшти дека не е загрижен поради повторното воведување американски санкции за нафтата и за иранскиот финансиски сектор.

Американските санкции ги поздрави Израел, додека Европска Унија, Франција, Германија и Велика Британија претходно во заедничко соопштение порачаа дека жалат поради таквата одлука на Вашингтон.