Балкан
4. August 2022 - 21:10

Стано: Средба Вучиќ-Курти во Брисел на 18 август

Следниот круг од дијалогот меѓу Србија и Косово на највисоко политичко ниво ќе се одржи на 18 август во Брисел, потврди Петер Стано, портпарол на Европската Унија, пренесе Бета.

– Можам да потврдам дека откако високиот претставник на ЕУ Жозеп Борел ги покани двете страни во Брисел, а српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти ја прифатија неговата покана и ќе дојдат во Брисел на 18 август, потврди Стано во писмената реакција доставена до медиумите.

Српскиот претседател и косовскиот премиер ќе бидат примени од шефот на европската дипломатија Борел, како и од специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак, со цел заеднички да разговараат за „натамошниот дијалог меѓу Приштина и Белград“.

Тоа ќе биде прва средба меѓу Курти и Вучиќ во рамки на дијалогот за нормализација на односите по повеќе од една година. Тие последен пат се состанаа во Брисел во јули 2021 година.