Македонија
11. May 2017 - 18:28

Стаменковска: СЈО функционира како општинска организација на СДС

ВМРО-ДПМНЕ денеска оцени дека последното интервју на специјалната обвинителка Катица Јанева е исто со која било прес-конференција на СДСМ и оти СЈО функционира како општинска организација на СДСМ.

- Нејзините ставови не наликуваат на став на правник, јавен обвинител кој треба да работи професионално, непристрасно и врз база на докази, туку наликуваат на ставови искажани од портпарол на криминалецот Зоран Заев, истакна Невенка Стаменковска на прес-конференција.

Според ВМРО-ДПМНЕ, сите предмети коишто досега ги покренало СЈО се политички нарачани случаи без ниту еден доказ во нив.

- Катица Јанева е соочена со фактичката состојба и со реалноста и сега брза по секоја цена да склопува обвиненија за да ги исполни плановите и желбите на Зоран Заев, но и да го полни својот буџет со плата од 3.000 евра месечно додека во наредниот период траат рочиштата. Секојдневно стануваат се појасни причините зошто Зоран Заев сака да ја врати Република Македонија 20 години назад. Секојдневно се откриваат причините зошто Зоран Заев сака да го стори истото што го стори и Бранко Црвенковски и да реизбира политички подобни судии, рече Стаменковска.

Таа додаде дека Заев сака да направи реизбор на судиите за ги амнестира неговите криминали и криминалите на раководството на СДСМ и да го оправда непрофесионалното работење на СЈО.

- Зоран Заев и Катица Јанева знаат дека не постои судија што ќе донесе осудителна пресуда или ќе поддржи политички нарачан предмет, доколку истиот тој судија има интегритет и постапува исклучиво согласно заклетвата која што ја дал, односно ја дели правдата единствено согласно законот, рече Стаменковска, додавајќи дека сите предмети без докази ќе паднат.