Свет
24. February 2017 - 0:14

Стафан де Мистура официјални ги отвори мировните преговори за Сирија во Женева

За првпат во последните три години денеска во Женева двете преговарачки страни во сирискиот конфликт седнаа една контра друга, кога пратеникот на ОН за Сирија, Стафан де Мистура, го отвори новиот круг од политичките преговори, пренесоа светските агенции.

- Ве повикувам да работите заедно. Знам дека нема да биде лесно да му ставиме крај на овој ужасен конфликт и да ги поставиме темелите на една земја која ќе биде во мир со самата себе, која ќе е суверена и единствена, им изјави Де Мистура на претставниците на двете преговарачки делегации, кои се собраа во една од салите во седиштето на ОН во Женева.

„Се надевам дека еден ден сирискиот народ ќе погледне наназад кон овој ден и ќе каже дека во тој момент и на тоа место Сиријците почнале едно долго и тешко патување кон мирот“, дополни Де Мистура, пренесе ДПА.

Тој потсети дека двете преговарачки страни треба да ја уважат волјата на сирискиот народ.

-Сирискиот народ решително сака да му се стави крај на овој конфликт и вие тоа го знаете, рече Де Мистура.

Тој потсети дека преговарачките страни имаат „историска одговорност“ и „можност“ да ја завршат војната, која за шест години ја опустоши Сирија, пренесоа француските меидуми.

Пратеникот на ОН предупреди дека од овој круг преговори не треба да се очекуваат чуда, дополнуваат француските медиуми.

-Разговорите почнуават уште вечерва. Нема да биде лесно, не очекувам чуда, но треба да се зафатиме со оваа задача, изјави Де Мистура.

Тој им заблагодари на Русија, Иран, Турција и Казахстан за договорениот прекин на огнот во Сирија  и изјави дека таа иницијатива му даде поттик на ова што сега се прави во Женева, пренесе ТАСС.

По говорот со кој ги отвори преговорите, Де Мистура се ракуваше со претставниците на двете страни.

Засега не е јасно дали двете преговарачки страни ќе имаат директни разговори во рамки на овој преговарачки круг, забележаа британските медиуми.