Бизнис
1. November 2017 - 14:31

Стабилни каматите на вкупните кредити и депозити

Каматните стапки на вкупните кредити и депозити на банките и штедилниците во третиот квартал од годинава се непроменети и се на ниво од 5,9 и 1,5 отсто, при што просечната каматна стапка на новоодобрените кредити има благ надолен тренд и во септември се спушти на 5,1 отсто, односни има месечно намалување од 0,1 процентен поен, покажуваат податоците на Народната банка на Република Македонија.

Просечната каматна стапка, пак, на новопримените депозити се задржа на нивото од 1,3 отсто, без месечна промена.

Во корпоративниот сектор каматната стапка на вкупните кредити во септември се задржа на ниво од 5,4 отсто, идентично како и претходните два месеца, додека на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,6 процентни поени. 

Новото кредитирање на корпоративниот сектор во септември е остварено по просечна каматна стапка од 4,7 отсто, при надолна промена од 0,3 процентни поени во однос на претходниот месец. Притоа, месечно намалување на стапките се забележува кај каматната стапка на денарските кредити без и со  валутна клаузула за 0,2 и 0,4 процентни поени, а кај кредитите во странска валута за 0,5 процентни поени. Споредено со септември минатата година, кај оваа каматна стапка регистриран е значителен пад од 1,1 процентен поен.

Во септември годинава, каматната стапка на вкупните примени депозити од корпоративниот сектор се врати на нивото од 2,0 проценти (евидентирано и во март, април и јуни годинава), при месечен раст од 0,2 процентни поени. Месечното зголемување кај оваа каматна стапка произлегува од растот на стапките кај денарските депозити, со и без валутна клаузула (за 0,4 и 0,1 прцентен поен). На годишно ниво, оваа каматна стапка бележи минимален пад од 0,1 процентен поен.

Просечната каматна стапка на новопримените депозити на корпоративниот сектор во септември изнесува 1,2 отсто и е за 0,2 процентни поени повисока во однос на претходниот месец. Месечниот раст кај оваа каматна стапка е резултат на зголемувањето кај каматната стапка на депозитите во странска валута и денарските депозити без валутна клаузула (за 0,3 и 0,1 процентен поен), наспроти намалувањето кај каматната стапка на денарските депозити со валутна клаузула (за 0,1 процентен поен). Во однос на септември минатата година, каматната стапка е намалена за 0,2 процентни поени.

Септемвриската просечна каматната стапка на вкупните кредити одобрени на домаќинствата и натаму е на нивото од 6,5 отсто, стабилна во последните пет месеци. Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,2 процентни поени.

Новите кредити на домаќинствата во септември се одобрувале по просечна каматна стапка од 5,8 отсто што е повисока за 0,1 процентен поен во однос на претходниот месец. Минималната нагорна промена се должи на зголемувањето кај каматната стапка на кредитите одобрени во странска валута за 0,2 процентни поени, во услови кога каматната стапка на денарските кредити без валутна клаузула бележи пад од 0,1 процентен поен. На годишна основа, кај оваа каматна стапка има намалување за 0,1 процентен поен.

Просечната каматна стапка, пак, на вкупните депозити од домаќинствата веќе половина година е без промени, на ниво од 1,5 отсто. Споредено на годишна основа, оваа каматна стапка е пониска за 0,2 процентни поени. Просечната каматна стапка по која се примаат нови депозити од домаќинствата во септември се одржа на нивото од август годинава, односно 1,5 отсто. Споредено со септември минатата година, оваа каматна стапка е намалена за 0,2 процентни поени.