Бизнис
28. April 2016 - 19:52

ССМ со нови мерки за заштита на работниците, како што е право на запирање на производствството

Нови иницијативи и проекти за подобрување на безбедноста на работницте и унапредување на работните услови, најави сојузот на синдикати на светскиот ден за безбедност и здравје при работа..

ССМ директно ќе се вклучи во справувањето со безбедносните неприлки, правењето анализи околу подобрување на безбедноста и во подобрувањето на контролата на синдикатите врз сите работни места, најмалку два пати во годината.

- Со можност дури и да го запреме процесот на производството, тоа е новина која ќе ја спроведуваме годинава. Записниците на инспекторите ќе бидат мониторирани од страна на претседателите на синдикати, рече Митревски.

Митревски најави дека и годинава на терен ќе ги мобилизираат сите нивни работници за обезбедување побезбедни услови за работа. Лани во земјава имало најмалку 39 смртни случаи и околу 105 потешки несреќи на работното место.

- Ова не се конечни бројки бидејќи ние информациите ги црпиме од објавените новости, од медиумите. Имајќи предвид дека во Република Македонија се гине на работното место, и понатаму земјоделството ни е број еден „убиец“ на работници во нашата држава. Иако постои мислењето дека градежништвото е професија која е животно-загрозувачка, сепак земјоделството е тоа каде најголем број од несреќите на работното место се случуваат, рече Петковски. 

Годинава фокусот се става и на стресот на работното место.

- Нашата порака ќе биде кон работниците, работодавачите, професионалците кои се бават со проблемот на здравје и безбедност при работа, стручните лица, инжинерите за заштита при работа, доктори специјалисти по медицина на труд, претставници на вработените од областа на безбедност при работа и задолжените во државата-Трудовиот инспекторат и ресорните министерства да ја пренесат пораката-Да работиме заедно за подобро здравје на работниците во Република Македонија, рече Караџинска Бислимовска. 

Меѓу пораките кои денес ги упати синдикатот беше и за побрзо завршување на политичката криза.