Македонија
1. December 2022 - 14:57

ССМ: Недела останува неработен ден, Уставниот суд – заштитник на работниците

– Уставниот суд застана на страната на вистината и правдата и не ја прифати иницијативата на Стопанската комора, односно го потврди ставот на Сојузот на синдикатите на Македонија и ги остави на сила одредбите од законските решенија со кои недела е неработен ден за најголем број на работници и на тој начин придонесе за зацврстување на правниот поредок и правната сигурност на работниците и граѓаните во државата, се вели во сопштението од Синдикатот по одлуката на Уставниот суд  да не поведе постапка за предметот во кој беше оспорено работењето во недела.

На овој начин, велат од ССМ, Уставниот суд ја враќа вербата на работниците и синдикатот како нивни претставник и застапник, во владеењето на законите и правда за сите во државата и покрај барањето и притисоците на одделени работодавачи кои водени од желбата за сопствен профит се обидоа да го намалат и елиминираат ова гарантирано право на работниците.
-Уставниот суд како гарант на уставноста и законитоста во државата потврди дека Сојузот на синдикатите на Македонија е вистински заштитник на работничките права и дека работодавачите немаат моќ пред институциите доколку постапуваат без аргументи и без на закон засновани барања и решенија. Работниците ќе ја искористат неработната недела за одмор и обнова на нивната работна сила во интерес на подобрување на нивната продуктивност од што бенефит ќе има целата држава .Во демократските држави каде претендира да биде вклучена и нашата држава, неработната недела е креативно време посветено на семејството , грижа за децата , но и време потребно за подигнување на културно, спортско и образовно ниво на работниците и граѓаните кои се најважниот ресурс на секоја држава, велат од Сојузот на синдикатите на Македонија.

Уште една битка е добиена, велат од ССМ, но ние продолжуваме натаму, наша правна водилка во обезбедувањето на работничките права се националните закони, меѓународните трудови стандарди и европски документи без, како што нагласуваат, кои не се можни евроинтеграциските процеси во државата.

Ново на Сител