Македонија
25. October 2024 - 16:45

ССМ: Наместо граѓаните, корист од замрзнатите маржи имаа трговците

Заштедата од само 210 денари месечно за храна и пијалоци е  недоволна за да се почувствуваат ефектите од замрзнатите маржи. Синдикатот пресмета дека ќар од есенската кошница немаат граѓаните, туку само трговците. Во септември ги зголемиле цените, за да ги вратат во октомври истите. Вкупната кошница во која се пресметани сите основни трошоци во октомври е поевтина за само 57 денари од таа во септември. 

 - За жал, трговците го искористија периодот кога мерката се најавуваше и ги зголемија цените па синдикалната кошничка во делот на храната и пијалаците за септември беше зголемена за околу 750 денари, а сега, за октомври, е намалена за 960 денари. Трговците беа алчни, на грбот на работниците повторно се обидуваат да заработуваат. Зголемените цени во септември само ги намалија во октомври и повторно останаа со истиот профит. Сметам дека Владата треба да преземе поригорозни чекори за да ги спречи ваквите појави-  изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

Сепак министерот за економија задоволен – вели есенската кошница  им заштедила до 1.000 денари на домаќинствата. Заедно со замрзнатите маржи на училишниот прибор, трошоците на семејствата им се намалени за 3.000 денари . 

-  Со есенската кошничка има и производи кои не се воопшто или се многу малку намалени како лебот, млекото, маслата за јадење, но имало и производи чии цени се намалени за над 10 проценти, како месото, зеленчукот, млечните продукти,…Одлуката на Владата дава резултат и тоа се чувствува врз џебот на граѓаните – изјави Бесар  Дурмиши, министер за економија.

Мерката замрзнати маржи истекува крајот на месецот.  Ако во ноември цените драстично се зголемат,  Дурмиши најави поригорозни казни.  На сила ќе биде и законот за нефер трговски практики, со кој се очекува поевтинување во делот кај храната за 10 отсто. Од Синдикатот не веруваат дека граѓаните  ќе имаат бенефит и со овој закон, затоа што инспекторатот кубури со кадри и нема капацитет да исконстролира огромен број трговци. Затоа бараат при креирање на новите мерки за ограничување на маржите да бидат вклучени и тие.