Бизнис
12. April 2017 - 13:14

ССК: Зголемување на технолошката конкурентност за поголем извоз

Ако Македонија сака да се приклучи кон земјите со висок техничко-технолошки развој треба минималниот процент на индустрискиот раст да изнесува седум до девет отсто годишно и таквиот тренд да се одржува во континуитет најмалку пет до десет години, смета Сојузот на стопански комори (ССК).

Како што беше речено денеска на прес-конференција, за поголем развој на индустриското производство и финализирање производи со поголема додадена вредност, неопходен е економски план врз основа на кој би се изработила стратегија за извоз.

- Унапредувањето на техничко-технолошките капацитети на компаниите е предуслов за развој на нови и постоечки производи со цел зголемување на нивната конкурентност, извоз и освојување нови пазари. За да се постигне тоа потребен е полесен пристап до финансиски средства кои ќе овозможат обновување на опремата, купување современи машини за добивање краен производ со поголема додадена вредност, истакна Богослав Ангелоски, член на Управниот одбор на ССК.

Многу е важно, укажа Ангелоски, да се следат европските и светските трендови во областа на индустријата, иновациите, новите технологии, но и новите компании на пазарите.

- Императив на домашните компании треба да биде нивното интегрирање во глобалниот светски пазар. Наместо да останат локални и да делуваат само во земјава, треба да стануваат мултинационални, порача Ангелоски.

Негова оценка е дека засега многу мал дел од македонските фирми ги осовременуваат своите капацитети и вложуваат во нова опрема. Со оглед дека за тоа се неопходни сериозни средства, Ангелоски нагласи дека помош во оваа насока може да обезбеди Македонската банка за поддршка на развојот.

Во однос на техничко-технолошкиот развој, ССК сугерира и на што поголема соработка со науката и високите стручни образовни институции. Но, како што посочи Ангелоски, покрај искусен кадар на компаниите им се потребни и млади луѓе кои ќе придонесат за развој на новите технологии.