Македонија
13. April 2016 - 15:12

ССК: За компаниите е важно кога политичката неизвесност ќе заврши

Во услови на политичка криза не е можно зголемување на производството, освојување други пазари, склучување договори со нови партнери, преземање развојни или инвестициски активности,... Затоа, за бизнис заедницата е важно да се знае кога политичката неизвеснот ќе заврши, кога ќе има разрешница, смета Сојузот на стопански комори (ССК).

Како што рече денеска извршниот директор на ССК Митко Алексов, извесна разрешница на кризата треба да има и за да продолжи кредитната активност на банките, но и на компаниите, за да почне нов инвестициски циклус.

- Незивесноста не може да трае до недоглед, треба да има разрешница и да се знае кога таа ќе се случи, истакна Алексов, одговорајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата во ССК за туризмот.

Според него, македонската економија покажа дека е жилава и во вакви услови оствари позитивни перформанси иако во одредени делови тие се под проектираните како што е случајот со БДП.

- Остваривме позитивен резултат од 3,7 отсто иако предвидувањата и проектирањата беа четири, посочи извршниот директор на Сојузот.

Македонија, исто така, има кредитен раст секоја година. Лани беше околу десет проценти и се очекува тој тренд да продолжи во 2016-та. 

- Банкарскиот сектор е претпазлив, не само заради политичката ситуација, туку и поради одредни критериуми за проценка на ризици, како и за бонитетот на компаниите, нагласи Алексов.

Не станува збор, додаде, за тоа дали банките ќе даваат кредити, туку дали компаниите ќе бараат кредити зашто во вакви услови фирмите ги ефектуираат веќе постоечките нарачки со свои трговски партнери, но зголемување на производство, освојување други пазари, склучување договори со нови партнери, преземање развојни или инвестициски активности, не може да се ефектуира во услови на политичка незивесност.