Бизнис
18. May 2016 - 14:37

ССК: Само два отсто од жените во Македонија се на раководни позиции во големите компании

Слабата економска моќ, предрасудите, стереотипите и семејните обврски се уште се најчестите причини поради кои во Македонија е многу мал бројот на жени претприемачи.

Како што рече денеска на прес-конференција Тања Дејаноска од Сојузот на стопански комори (ССК), време е да се ослободиме од минатото и да влеземе во 21. век.

- Само два отсто од жените во Македонија се на раководни позиции во големите компании, околу 32 проценти се жени во претприемништвото, а помалку од четири отсто се жени сопственици на бизнис, истакна Дејаноска.

Жените на менаџерска позиција се главно присутни во финансискиот сектор, образованието, агробизнисот, текстилната индустрија, ИТ, медицината,...

Според ССК, државните субвенции за жените претприемачи, што моментно изнесуваат околу 2.000 евра, треба да се зголемат.

- Финансиската поддршка е многу мала за почнување сериозен бизнис. Иако на овој начин се прави обид за поттикнување на женското претприемништво, во однос на она што го издвојуваат земјите од регионот, субвенциите не се доволни и затоа треба да се зголемат, рече Дејаноска.

За поттик и развој на женското претприемништво ССК порачува дека е неопходно да се промовираат позитивни бизнис приказни и практики на жени претприемачи, да се развива професионален и лидерски пристап на жените кои сакаат да отворат сопствен бизнис, да се идентификуваат и разменуваат информации за финансиска поддршка за нови и тековни бизниси, да се реализираат обуки и доквалификации на жените, да се поттикне нивното вклучување во релевантни економски, социјални и културни области од јавен интерес, како и вмрежување менторство и лобирање за жените претприемачи на национално и меѓународно ниво.