Бизнис
11. May 2016 - 14:00

ССК: Меѓународните стандарди клуч за квалитет и конкурентност

Ако сакаат да бидат препознатливи по квалитет и да ја зголемат конкурентноста, компаниите треба да ги воведат потребните меѓународни стандарди, порача денеска Сојузот на стопански комори на Македонија (ССК).

Според ССК, иако во Македонија се забележува трендот на се поголема примена на стандардите во јавниот и приватниот сектор, се уште е мал бројот на компании кои минале низ процесите на стандардизација.

- Последните неофицијални податоци покажуваат дека заклучно со 2016 година основниот ИСО 9001 кој се однесува на управувањето со квалитет, го вовеле само 700 приватни компании и 30 до 40 отсто од јавните институции, рече Михајло Евросимовски од ССК на прес-конференција.

Од веб страницата на ИСО пак, посочи Евросимовски,  може да се види дека стандардот 14001-за управување  со животна средина го вовеле 300 компании, стандардот 27001-за безбедност на информации го имаат воведено девет компании, а ниту една не е регистрирана дека го имплементирала стандардот 50001-за енергетска ефикасност.

Евросимовски нагласи дека сепак, ова се податоци до 2014 година кои можеби не се обновени зашто според информации од праксата, во Македонија локалните сертификациски тела имаат издадено сертификати за енергетска ефикасност на одреден број компании.

Оценка на ССК е дека некои од домашните фирми не го минуваат процесот на стандардизација доколку не се извозно ориентирани и не планираат да ги пласираат своите производи надвор.

- Во септември минатата година ИСО ги објави новите верзии на меѓународните стандарди 9001 и 14001, со што на организациите кои ги имаат воведено им се остава простор од три години за примена, информира Евросимовски.

Стандардите, подвлече, се гаранција за компаниите, особено за нивните деловни партнери дека добиваат правна сигурност во однос на почитувањето на законските барања од соодветната област што резултира со намалување на трошоци од евентуални казни за прекшување на регулативите, полесно добивање овластување и дозволи од локалните и државните власти, подобар имиџ, углед и доверба кај заедницата, како и конкурентска предност.